Советот на Општина Тетово денес по трет пат изгласа суспензија за детален урбанистички план (ДУП) за урбан блок 57А. Овој ДУП беше донесен во време на претходната градоначалничка, на местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“ каде се предвидени да се градат дваесетина згради за домување и трговски центри. Ваква суспензија за овој блок беше направена во декември 2021 година и на 31 март годинава.
Пред две недели Советот усвои нов ДУП за блок 57А, за кој почнува соодветна процедура со јавна анкета и уште неколку чекори пред да биде испратен во Министерството за транспорт и врски за согласност.
Според претседателот на Советот со суспензија се запира првичната намера да се прават голем број згради но без потребните стандарди за зеленило, паркинг, училишта и слично.
-Мора да направиме споредба со претходниот и новиот ДУП, односно, со стариот ДУП беа предвидени 34.494 квадратни метри станбена површина, додека со новиот 28.500 метри квадратни. Наместо 16.028 ќе има 15. 800 квадратни метри деловни згради. И најважно во претходниот ДУП немаше предвидено простор за зеленило и рекреација, а со новиот ќе има 3591 квадратни метри.
За новиот ДУП гласаа советниците од мнозинството составено од 16 советници од Движење Беса и ВМРО ДПМНЕ, додека против немаше, а 12 советници гласаа воздржано.
ас