Тетовски театар информира дека се започнати подготовките за првиот проект за 2023 година изведбата на претставата „Бог на масакрот“ по текст на француската драмска авторка Јасмина Реза. Режисер е Милош Андоновски, а улогите ќе ги толкуваат Ѓорѓи Нешкоски, Ирена Мирческа, Миа Кантарџиева и Марко Богдановски. Сценографијата е на Мартин Манев, а костимографија на Ирина Тошева.
Од Тетовски Театар посочуваат дека „Бог на масакрот” е еден од најпознатите текстови на француската драмска авторка Јасмина Реза. Жанровски може да се одреди како мрачна комедија, напишана во 2008 година, но со тема која што е универзална и сè уште актуелна.
-Станува збор за два брачни пара чиишто деца се степале во парк, па така, родителите се среќаваат за да ги помират единаесетгодишните момчиња. Интересното е во тоа што ликовите на децата се присутни во дијалогозите исклучиво со своето отсуство. Тие никогаш не се појавуваат на сцена, па така, двата пара, без задршка, се расправаат за прашања од тоа чие дете е виновно до преиспитување на сопствените бракови. Во претставата „Бог на масакрот” ќе има промена на просторот во којшто се одвива дејството, па наместо во дневната соба на еден од паровите, дејството ќе биде сместено во замислен парк во Тетово, најавува режисерот Милош Андоновски.
Претставата треба премиерно да биде одиграна кон крајот на април или почетокот на мај годинава во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
ас