Секторот за внатрешни работи Тетово почна со практична реализација, односно имплементација на превентивно-едукативниот проект „Безбедност во училиштата и меѓуетничка толеранција“. Носител е Отсекот за превенција, а со проектот ќе бидат опфатени околу 2000 ученици во прва година од средните училишта на тетовско-гостиварското подрачја.
Портпаролот Марјан Јосифоски образложува дека на посебни часови, стручно обучени полициски службеници на СВР Тетово поблиску ќе ги запознаваат учениците со негативните законски и други последици од насилство и други форми на асоцијално однесување во и надвор од училиштата.
![Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово](https://tetovoinfo.mk/wp-content/uploads/2023/04/2023-04-08_14-07-34-623.jpg)
-Покрај тоа, интерактивно -двонасочно се дебатира и за булингот, говорот на омраза и за други негативни појави, пред се поврзани со комуницирање на младите на социјалните мрежи. Целта на овој проект е зајакнување на мултиетничноста меѓу младите, ефикасно справување со девијантните појави, афирмација на меѓусебното почитување на вредностите на другиот ( јазик, култура, вера), но и градење на партнерски однос и меѓусебна доверба помеѓу младите и полицијата, информира портпаролот Марјан Јосифоски.
Проектот, односно предавањата ќе се одржуваат до крајот на школската и календарска година.