Иако на Попова Шапка, за десетина степени е поладно одколку во градовите, нема многу посетители. Сепак, угостителите и луѓето кои имаат сместувачки капацитети велат дека има многу работи што може да се прават на Попова Шапка во текот на летото. Доаѓаат пред сè посетители на кратки престои, но има потенцијал за многу повеќе.
„Наместо да седат во градот, кај што температурите се до 40-тиот степен, тука максималната температура достига до 25 степени. Пријатно место е за релаксација каде што може да си го поминат својот одмор, да направат некој викенд од ден-два или повеќе, да прошетаат. Во овој период во јули-август има многу чај, има боровинки и диви јаготки. Има прекрасни места – водопади на Попова Шапка, планински патеки за шетање. Потоа имаат можност за планинарење, возење велосипеди, јавање на коњи. Летниот туризам на Шапка иако не е многу развиен сè уште луѓе не знаат и не се добро информирани што сè нуди Попова Шапка, кај нас во Македонија, вели Гале Неделковски, угостител
– Надворешните гости што доаѓаат повеќе се од Чешка, Словачка, Германија, Швајцарија. Тие се најмногу, а нашите иселеници што доаѓаат се од Швајцарија, Германија, Данска. Ние имаме голем потенцијал, за жал малку правиме, малку користиме. Ние сме сами овде, само има два-три хотела што сакаме нешто да направиме. Треба многу повеќе и навистина многу малку се користи, а има голема богатство, изјави Хашим Хасани, угостител.
Само да бидеш на Попова Шапка во лето е доволно да ти биде убаво, го почна разговорот Димко Марковски кој таму живее со сопругата, како пензионери во текот на летото, во викенд населбата. Заедно со другите од семејство собираат шумски плодови, една од корисните и пријатни активности за на лето. Освен престојот на Попова Шапка, ако се прави и нешто повеќе, како планинарење, тоа е голема придобивка за секој човек, раскажува Димко.
„Првото стапнување на Попова Шапка ми било 67-мата година кога сум дошол првпат со скии тука. Во 1985 направив куќа и Попова Шапка стана неизбежна за мене. Кога ја правев куќата 85-та година имаше само 40 викендички. Сега слушам има негде околу 600. Попова Шапка е импресивна. Попова Шапка само треба да се доживува. Ама времињата се такви, па е подложна за деструкција. Значи деструктивните така атакуваат мислејќи дека ќе ја адаптираат природата за себеси, тоа е невозможно – природата е над твоите побарувања и твоите можности, ти си под таа природа. Секој обид да ја трансформираш правиш злосторство. Е сега додека тоа го разберат ние ќе си отидеме, ќе дојдат некои други, што ќе прават не знам“, вели Димко.
Иселениците кои живеат во западно европските земји, а потекнуваат од тетовскиот регион велат дека природата на Попова Шапка за нив е најтрактивното за посета.
„Ми се допаѓа многу, времето е многу убаво. Сега кога е многу топло во Тетово многу е кул/поладно да се биде тука, времето е многу убаво, природата е прекрасна. И ни се допаѓа тоа што сме на посета тука. Доаѓаме неколку пати во годината, сме биле и во зима со снег, кога сите скијаат. Сега во лето сме поради тоа што е поладно тука. Подобро е тука горе, отколку долу. Сè е во ред мислам, може да се направи нов пат, мислам дека тоа е важно да се направи за тука. Да се направи да доаѓаат повеќе туристи кога има снег. Генерално е многу убаво место, јас не би сменила ништо, изјави Лелја, чие семејство живее во Холандија.
Сместувачките капацитети на државно друштво за стопанисување со Попова Шапка летово не работат. Не функционира и шестоседата жичница, која минатите години работеше со цел за летно панорамско разгледување.
ас