Со поставување камен темелник и со потпишување на договор помеѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и германската компанија НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, денеска во ТИРЗ Тетово беше означен почетокот на инвестиција која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.GO. Вакво целосно производство на електрични автомобили се реализира за прв пат во Македонија.
Станува збор за фабрика која е треба да има 60 илјади метри квадратни, скоро 900 работни места и инвестиција од 130 милиони евра.
-По само 18 месеци ја имаме втората инвестиција над 100 милиони евра. Покажавме дека Северна Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила туку на мапата земји кои имаат капацитет и услови за големи инвестиции. Само од почетокот на годинава имаме постигнато договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра. Со вакво темпо очекувам до крајот на годинава да ја достигнеме границата од половина милијарда, истакна директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање на настанот.
Премиерот Димитар Ковачевски порача дека се радува што за прв пат, кај нас ќе биде произведен целосен автомобил.
-Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа. Оваа инвестиција ми е лично посебно драга. Не само затоа што ќе го промени на подобро животот на семејствата чии членови ќе работат тука, туку затоа што ќе го промени начинот на кој размислуваме за возилата. Затоа што ова е иднината, и на индустријата и на заштитата на животната средина. Меѓутоа ова е иднината и на образованието. Вакви инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни, рече Ковачевски.
Тој информираше дека во технолошко индустриските развојни зони, во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра.
– Јас никогаш не сум најавувал инвестиции, и оваа е инвестиција за која беше извесно дека ќе се случи. Оставивме прво да се договорат сите детали и потоа на изненадување на целата јавност, бидејќи ги гледам написите во медиумите, дознавме дека во Република Северна Македонија ќе има инвестиција којашто ќе биде од 130 милиони евра, и ќе биде на почеток со околу 900 вработени. И уште има такви инвестиции, од други инвеститори, а ние ќе оставиме тоа инвеститорите заедно со институциите да го најават, и ќе се случи многу брзо,рече Ковачевски.
Премиерот информираше дека само за еден месец во компаниите во зоните се отворени речиси 100 нови работни места, со што заклучно со јули, од почетокот на годинава во компаниите во ТИРЗ се реализирани над 1.100 нови работни места. Вкупниот број на вработени во јули порасна и достигна над 15.000 вработени, што е за 6% повеќе споредено со јули минатата година, односно за 14,5% повеќе во однос на јули 2020 година.