За да можат пожарникарите побрзо да стигнуваат до местата каде има потреба од нивна интервенција, почна да функционира потстаница на територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово во Желино. Простории за пожарникарите како и неколку возила се наоѓаат во кругот на Општина Желино од каде ќе тргнуваат на интервенции во местата од оваа општина.
„Имајќи предвид дека покриваше многу широка територија, увидовме за потребно да имаме вакви дисперзирани единици. Ова е првата која ќе ја покрива територијата на Општина Желино. Во следниот период во договор со општините во Теарце ќе треба да се отвори иста ваква единица која ќе покрива истовремено општините Теарце и Јегуновце и во Боговиње која ќе покрива општини Боговиње и Брвеница. Цениме дека ќе бидеме поблиску до граѓаните ако има потреба да се интервенира побрзо за да се спаси живот или имот на граѓаните, изјави Биљал Касами, градоначалник на Општина Тетово
„На територијата на Општина Желино поминува автопатот Тетово-Скопје каде често има несреќи и потреба од интервенција на пожарникарите, па затоа оваа единица ќе биде од голема важност за брзи интервенции, изјави Блерим Сејдиу, градоначалник на Општина Желино.
Во пожарникарите ќе бидат стационирани од 7 до 19 навечер, а после тоа по потреба ќе се праќаат пожарникари од тетовската пожарникарска единица.
„Денската екипа ќе биде тука додека се стабилизираме. Нормално дека ќе има 24 часа функција на оваа станица тука. Тука ќе има пет пожарникари кои ќе бидат подготвени, ќе бидат камионите и фургонот со кој се интервенира во несреќни случаи во сообраќај. Ќе се трудиме што побрзо да ги отвориме и двете потстаници во Боговиње и Теарце, изјави Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Градоначалникот Касами вели дека во договор со руралните општини ќе се прави план како ќе се работи понатаму во однос на зголемување на бројот на пожарникари во потстаниците
„Според новата систематизација се работи сега за Бригада и ќе има единици во рамките на овие општини и ќе има потреба од нови вработувања. По потреба ќе одиме со пополнување на дополнителниот број потребни работни места и со тоа овие единици ќе бидат со полн капацитет и со 24 часовна служба на граѓаните, истакна Касами.
Општините според законските одредби треба да го кофинансираат вработувањето на нови пожарникари.