По шест дена е ставен под контрола шумскиот пожар над тетовско Селце, соопштија денес од Национален парк Шар Планина. Обидите за гаснење на огнот успешно завршиле денес околу пладне.
„Пожарот над Селце денес беше проширен и над Ѓермо. До 12 часот е комплетно ставен под контрола и повлечени се екипите на Националниот Парк и Дирекција за заштита и спасување. Денес гаснеа пет луѓе од паркот и четворица од ДЗС, информираат од Национален парк Шар Планина.
Шумскиот пожар беше забележан на 11 април од кога ренџерите на НП Шар Планина со рачни апарати се обидуваат да го изгаснат. Вчера и на 14 април дејствуваше и хеликоптерска единица на МВР која фрлаше вода од височина. Во текот на овие денови пожарот го гаснеа и пожарникарите од Тетово со вода во цистерни од теренски возила.
„Периметар на пожарот изнесува скоро седум километри, а изгорена е површина од 219 хектари, букова шума, ливади и пасишта, земјоделско земјиште, како во државни така и во приватна сопственост, информираат од Национален парк.
Два други пожари биле изгаснати вчера на подрачјето на националниот парк. Потполно е изгасен пожар над селото Горјане, каде изгореле четири хектари, а над Ломница два хектари приватен имот со ниска вегетација од трева, даб, леска и габер.
ас
фото НП Шар Планина