Што поголемо искоренување на сивата економија и плаќање давачки за повеќе вработени луѓе ќе значат сигурен извор на средства наменети за повисоки пензии сегашните пензионери. Ваков е ставот на некои економски експерти со кои разговаравме, а сметаат дека ова е еден едноставен начин како да се намали постојаниот проблем-дефицитот на средства за исплата на пензии во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ФПИОМ).
Ова мислење го темелат пред сè поради најавеното линеарно зголемување на пензиите во време кога буџетскиот дефицит во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување е околу 600 милиони евра и како еден вид трајно решение во справувањето со предизвикот како да се наполни пензискиот фонд од наменските давачки.
„Надминувањето на сивата економија во моментот е важна за целокупното општество. Ако се зголеми бројот на вработени, нормално дека ќе се зголеми наплатата на придонесите и ќе се обезбедат повеќе средства кои се потребни за исплата на пензии. За една нето минимална плата од 22.600 денари се потребни околу 11.000 денари за придонеси. Но, практиката покажува дека во приватниот сектор веќе може да се најдат работни места за кои се дава плати и повеќе од 30.000 денари, а за тој износ придонесите се околу 15.000 денари. Многу едноставна е логиката, за повеќе работници да се плаќа здравствено и пензиско осигурување, повеќе средства ќе има кои ќе стигнуваат во ФПИОМ. Само треба да се потруди државата да се надмине делот од сивата економија односно работата на непријавени работници, смета Мирче Блажевски, овластен сметководител од Тетово.
Универзитетската професорка Шенај Хаџимустафа вели дека зголемувањето на пензиите треба да го следи реалното зголемување на трошоците на живот во земјата и дека треба да се води сметка за статусот на пензионерите. Сепак, предупредува дека досегашните практики за користење на средства од државниот буџет го намалува квалитетот на животот на сите останати активни граѓани бидејќи се намалуваат можностите за капитални инвестиции од кои пак зависи економскиот развој, унапредување на образованието, животната средина и други сектори.
„Секое зголемување на расходите, во случајов зголемување на пензиите со себе провлекува и зголемување на страната на приходите. Во услови кога во Фондот за ПИОМ околу 1/3 од приходите се од трансфери од централниот буџет, реално е дека зголемувањето на пензиите нема да дојде од зголемување на изворните приходи, истото ќе биде од буџетски средства. Ваквата состојба ќе значи дека овие средства ќе треба да се најдат или со намалување на други буџетски ставки, а со тоа и намален обем на други јавни добра и услуги кои се финансираат со буџетот или пак со дополнително задолжување на државата“, вели проф. д-р Шенај Хаџимустафа од Факултетот за бизнис и економија при УЈИЕ.
Од Министерството за финансии (МФ) велат дека се обезбедени средствата за линеарното зголемување на пензиите од 2.500 денари, во септември 2024 и март 2025 година.
„Со ребалансот на Буџетот се обезбедија дополнителни 5 милијарди денари за исплата на пензиите до крајот нa 2024 година. Од тие 5 милијарди денари, 2,5 милијарди денари се средства кои се трансферираат дополнително во Фондот за пензиско осигурување заради реализација на најавеното линеарно зголемување на пензиите за 2.500 денари од септември 2024 година, кои ќе бидат исплатени во октомври. Со иницијалниот Буџет за 2024 година не биле планирани потребните средства за исплата на пензиите имајќи го предвид законското усогласување на пензиите во септември, односно недостасуваа 2,5 милијарди денари, велат од Одделение за односи со јавност при МФ.
Стручните служби во Министерството за финансии, сметаат дека е можно и со надминувањето на сивата економија, односно плаќањето придонеси за вработени, да се зголемат износите кои би биле дел од буџетот на ФПИОМ. Тоа го образложуваат со стратегијата за формализирање на неформалната економија до 2027 година. Според нив, така ќе се стабилизира и Фондот па затоа се смета дека е реална мерка за подобар живот на највозрасните граѓани.
„Наплатата на придонесите на плати и извршувањето на расходите од страна на Фондот за ПИОМ се следи на редовна основа и во случај на потреба соодветно се реагира. Очекувањата се дека во наредниот период со растот на платите и бројот на вработените ќе се зголемат изворните приходи на Фондот и тоа ќе влијае на стабилизирање на состојбата. Не станува збор за популистичка мерка. Станува збор за мерка која е дел од владината програма и можност да се даде повеќе средства кај оние кои имаат ниски пензии. На ваков начин истиот износ од буџетот се распределува подеднакво кај сите пензионери“, велат од Одделение за односи со јавност при МФ.
Доколку нема конкретен чекор да се зголеми приливот во Фондот за ПИОМ, државата се соочува со веќе познатиот проблем – драстичното посегање по пари од централниот државен буџет за пензии, кое во минатото изнесуваше и до рекордни 40 %.
Во државата, има над 340.000 пензионери, а бројот на вработените според Државниот завод за статистика за првиот квартал од 2024 изнесува 687.351. Како невработени, исто така во првиот годишен квартал, евидентирани се 101.558 луѓе.
„Голем дел од тие 100 илјади се луѓе кои работат, но за кои не се плаќаат придонеси. Јасно е дека државата не може 100% да ја надмине сивата економија, но нешто повеќе треба да се направи барем во делот на фирмите каде има непријавените работници. Државата не мора со репресивни мерки, може и со стимулирање или законски измени да ја зајакне формалната економија и да се зголеми бројот на луѓе кои добиваат плати на сметка и да им се плаќаат придонеси кои ќе стигнуваат во Фондот. Истите тие пари, пензионерите ќе ги потрошат за производи и услуги токму во приватниот сектор во фирмите и ќе има циркулација на средствата, образложува Мирче Блажевски.
Во минатото, финансирањето на ФПИОМ по основ на придонеси бележи и зголемување. Со реформата спроведена во 2019 и 2020 година придонесите годишно се зголемија за 0,4 проценти и стигнаа до 18,8 отсто, па се намали процентот на средства што доаѓаа од Буџетот на 32,3 отсто.
Според податоците до јуни 2024 година на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, од 341.146 пензионери, семејна пензија користат 74.336, инвалидска 26.231 и старосна 239.783. Просечната пензија изнесувала 21.241 денар, но кај семејните пензии просекот е 16.709 денари, кај инвалидските 18.830 денари и кај старосните 22.884 денари.
Со овој текст, ТетовоИнфо.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.