На хуманитарниот концерт „Од срце за Дики“ што се одржа на 19 октомври во Двор 21, се собраа 287.728 денари или 4678 евра.
Средствата се веќе префрлени на сметката на Дијана Димчевска Наумоска која се лекува во Турција. Минатиот четврток повеќе од 1000 посетители дојдоа во Двор 21, каде настапија повеќе музичари. Влезницата и воедно донацијата за Дијана чинеше 100 денари, а дел од граѓаните одвоија и повеќе пари за лекувањето на Дијана.
-Благодариме Тетово. Едно големо фала на сите кој донираја и беа дел од хуманитарниот концерт. Покажавте единство, сите заедно сплотени во време кога сме најпотребни некому.
Дики Тетово е со вас, порачаа организаторите.
Во 2022 година на 34 годишната Дијана и бил дијагностициран рак на матка, таа се лекувала во Клиниката за онкологија, но поради метастазирање на белите дробови потребно е дополнително лекување во Турција. Откако се собраа дел од средствата Дијана замина во Истанбул каде испитувањата потврдиле метастази на репродуктивен орган и белите дробови, но не и на други органи.
Организаторите на ноќен турнир во мал фудбал од Ратае донираа 15 илјади денари. Уште 10 илјади денари за лекувањето беа обезбедени со продажба на уметничка слика, донација на уметникот Славчо Максимовски.
Донациите може да се уплатат и на сметка на Дијана 200002512150321 во Стопанска банка АД Скопје. Луѓето од странство пари може да донираат и преку интернет платформата за собирање на донации www.gofundme.com