Да бидеш уметник, физички многу подготвен и емотивно стабилен, сето ова е потребно за една од најневообичаените професии – да се гравираат или цртаат ликови на починати луѓе на нивните надгробни споменици кај православните христијани.
Во Тетово, над две децении со оваа работа се занимава уметникот Љубомир Михајлоски. Со неговите вештини успева на надгробните споменици по желба на семејствата да остави траен белег и спомен за починатиот човек.
Освен портретите, овој уметник вешто знае, на цврстите гранитни плочи да нацрта и дел од животот на починатите – според нивната професија, хоби или друга човечка одлика.
„Обично сакаат повеќе што се доловува покрај самата сликата на човекот, карактерот негов и може да се вметнат и некои работи со тоа што се занимавал и што му била одлика во текот на животот. Ако бил шофер може автомобил, ако бил кондураџија, да биде со чекан или други работи. И е трајно. Сликата може да потемне со текот на времето меѓутоа се обновува, се полира и исто како да е тогаш цртано. Овие другиве слики со тек на време избледуваат, се кршат, па треба повторно да се лепат“, вели Љубомир Михајлоски.
Покрај квалитетното уметничко изразување, оваа работа има и физички напор. На сето ова претходи и најтешкиот дел-да се надвладеат емоциите поради потребата да зборува со ожалостеното семејство. Како и на секој почеток, тоа за Љубомир било тешко, но со текот а времето научил дека треба тој да ја води комуникацијата. Блиските на починатиот сè уште се во жалост и деконцентрирани, па уметникот треба да биде поприсебен за точно да се договори што сака семејството да има гравирано на плочата.
„Оваа работа е физичка работа и покрај психичка. Клекни, стани, рацете три-четири часа ги држиш горе. А најповеќе е психичкиот дел, цело време треба да бидеш концентриран. Не смее да се греши,затоа што на гранитот не може поправки да се вршат. Луѓето се ожалостени и тие потешко ја прифаќаат сликата. Они го гледаат ликот како што бил, а даваат слика, нормално, фотографија, што е фрагмент од животот на човекот, истакна уметникот во разговорот за Тетово инфо.
Со Љубомир разговаравме во неговата работилница, но некогаш тој оди и на самите гробишта, на веќе поставен споменик каде се доцртува ликот на починат човек.
„Е сега тоа е покомплексна работа. Треба да се носат и додатни пример, акумулатори, кај што има некаде блиску, струја може да се земе. А кај што не, акумулатор. Па се земат, па зависи од времето. Кога врне не може да се работи. Специфичноста на гранитот е дека се темни. Кога врне, тоа што се црта се темни, затоа после на крајот се полира. Таа е малку специфичноста, меѓутоа исто е како да се изработува, на пример тука како што е. Само што е малку покомплексна работата и повеќе време одзема секако. Меѓутоа љубовта кон работата е таа што не води“, доловува Михајлоски.
Гранитната плоча со машински алат се струже слој по слој за да се изрази слика. Машината за стружење има силни дијамантски игли, а при тоа претежно црниот гранит станува посветол па така се оформува фигура.
автор Александар Самарџиев
Изработката на оваа приказна е поддржана од Фондацијата Томсон како дел од проектот Култура и креативност за Западен Балкан (CC4WBs). Оваа приказна е создадена со финансиска поддршка на Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија.