Промоција на „Прирачник со практикум за примена на наставни техники во наставата по македонски јазик“ на одделенскиот наставник-ментор Соња Трифуновска се одржа денес по ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово по повод Меѓународниот ден на учителот. Директорката на ОУ „Гоце Делчев“ Рената Бојаровска ја започна промоцијата со порака практикумот и прирачник што го има изработено Соња Трифуновска да го користат колегите како алатка во својата професионална работа, посакувајќи и успех на авторката и во иднина.
За Прирачникот, но и досегашната работа во образованието на авторката Соња Трифуновска, на промоцијата говореше Олгица Наумовска, советник во Биро за развој на образование. Таа пред присутните порача дека токму во текот на Неделата посветена на детето и Меѓународниот ден на учителот се случува оваа промоција кога една благородна професија, како што е учителствувањето од младата личност треба да изгради човек, да го описмени, да го оспособи да живее во едно нов време кое нуди голем број на предизвици.
– Соња ја запознавам 15 години но внесе ново кај мене, мотивација, желба за работа, љубопитност, желба да се истражува и да се учи. Учејќи една од друга, јас повеќе учев од неа, отколку таа од мене. За време на ковид пандемија, Соња не застана, сними многу часови за Едуино порталот, охрабри и други колеги. Таа со звањето наставник-ментор, работи и со новите наставници и го пренесува искуството. Во Прирачникот, има техники како бура на идеи, ѕвезда на приказната, призма. Некој може ќе каже не се овие нови техники ние ги знаеме, да ние ги знаеме, но истите тие да ги обработиш да ги ставиш во еден реален наставен контекст и да го доближиш до нашиот образовен систем, зборови и слики да направиш што не е така лесна работа. Соња работела долгорочно. И новиот концепт за основно образование го има вградено тука. Новите стандарди и вреднување согласно новите наставни проргамаи. Размислувала на долга патека, да го користат сегашните но и идните генерации на наставници, истакна на промоцијата Олгица Наумовска.
Во Прирачникот се запишани 26 јазични техники и шест игровни активности за настава по македонски јазик. Дел од нив се ново осмислени од Соња Трифуновска, а дел од адаптирани. Авторката посочи дека некои од техниките даваат поттик во наставата и учењето, дел се напишани како пристап до проблемот, има и такви преку кои учениците го согледуваат својот процес на учење.
– Оваа идеја ја имав подолг период. Успешниот пат на еден наставник започнува со желбата што се раѓа да ги воспитува и образува децата. Таа желба е постојана водилка во професионалниот развој. Таа мотивира да ги продлабочуваш знаењата, да истражуваш како да ја подобриш наставата. Како да ја направиш училницата што поубаво место за живеење. Како учениците да станат жедни за знаење и да постигнуваат повисоки резултати. Токму и оваа желба го создаде прирачникот кој го промовираме. Но не е само желбата. Постоеше еден човек, кој беше вистински добар учител кој препознаваше добра педагошка работа, кој несебично делеше совети кој препозна квалитет во мојата работа. И ме советуваше своите добри практики да ги ставам на хартија. Сакам да искажам голема постхумна благодарност до советникот во Бирото за развој на образованието Мито Стефановски на кој го посветувам овој прирачник. Затоа подарувам Прирачник на неговата ќерка Елена Стефановска која тргна по неговите стапки и е професор по македонски јазик, истакна Соња Трифуновска.
Авторката Трифуновска, претходно ги има издадено и образовните публикации „Петар учи за здрава храна“ и „Наде и Нено учат за животните“.
ас