Педестина работници во тетовска печатница повеќе од половина месец чекаат да им се реши работниот статус, откако како што велат, од сопствениците добиле укажување во декември дека нема да постои како фирма. Работниот процес прекинал на 15 декември 2023 кога останале без репроматеријали. Дел од нив не зеле плата за август 2023 година.
– Печатницата како правен субјект е поделен на две фирми, Напредок 1 и Напредок Принт, чиј пак сопственик е компанијата Просветно дело. Во декември од Просветно дело се изјаснија дека нема да работи печатница Напредок и 15 декември 2023 немаме репроматеријали и не работиме. Ние сме принудени да доаѓаме на работа за да се реши статусот и да ги добиеме неисплатените плати. Досега преку кажан збор имавме неколку најави дека ќе има исплата, но во пракса нема ништо со образложение дека нема пари, дека сметки се блокирани, дека УЈП не работи и слично, информираше на денешната средба со новинарите, Живе Ќировски, претседател на синдикалната организација на вработените во печатницата.
Со доцнење плати се соочуваат од 2020 година, велат вработените во тетовска печатница Напредок кои во текот на 2023 година повеќе пати преку медиумите бараа реакција од државните установи за надминување на нивните проблеми.
– Напредок Принт нема земено плата за август, септември, октомври, ноември, декември и К15, а Напредок 1 нема земено плата за октомври, ноември, декември и К15. И здравствено осигурување немаат работници. Ние не знаеме како ќе биде решен нашиот статус, ние доаѓаме на работа, не работиме не придонесуваме затоа што нема репроматеријали. Ние доаѓаме на работа затоа што статусот не ние сменет освен поранешните договори за работа. Дали ќе бидеме технолошки вишок прогласени, дали ќе оди во стечај, сите ние сме во исчекување, истакна Живе Ќировски.
За барањата на работниците и синдикатот, став побаравме од Сашо Ангелевски, кој според информациите на работниците е новиот управител од декември 2023 година. Тој одговори на телефонскиот повик со најава дека сопственикот ќе се произнесе за состојбата.
– Во моментот сопственикот не е тука, ќе добиете од него изјава, ќе ве контактира за кратко време, истакна Ангелевски.
Печатницата Напредок во Тетово постои од 1948 година како државна фирма која во 1989 преминала во акционерско друштво. Од 2006 година е приватизирана со продажба на акциите.
А.С