Пратеничката од СДСМ Тетово, Фаница Николовска одржа прес-конференција од која побара Општина Тетово да ја повлече одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка:
Почитувани граѓани, СДСМ бара од коалицијата БЕСА и ДПМНЕ во Општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка. Прво, затоа што на Попова Шапка станува збор за црковен имот и верско обележје (крст) во двор на манастир а не за објект.
Второ, затоа што било какви провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните. Сите политички чинители, пред се коалициските партии БЕСА и ДПМНЕ во Советот на општина Тетово треба да работат за доброто на сите граѓани на Тетово.
За жал она што го гледаме е дека БЕСА и ДПМНЕ во Тетово со своите одлуки и сценарија сакаат да предизвикуваат штета на граѓаните, соживотот и меѓусебното разбирање. Загрижува тоа што сите штетни одлуки на Касами во Тетово се поддржани од ДПМНЕ како коалициски партнер на БЕСА.
Најважното место во Општината после Градоначалникот во Тетово е Секретарот, оваа позиција ја извршува Дарко Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ. Се сомневаме дека ова е дел од договорено сценарио на ДПМНЕ и БЕСА во предизборието. СДСМ заедно со граѓаните, со сите разумни и одговорни политички субјекти ќе направи се да не се дозволи сценаријата на БЕСА и ДПМНЕ во Тетово да успеат.
Граѓаните ги повикуваме на смиреност, да не подлегнуваат на провокациите на БЕСА и ДПМНЕ а институциите на будност и навремена реакција во рамки на надлежностите. Во името на сите граѓани на Тетово, соживотот и меѓусебната толеранција и почитување бараме општина Тетово и градоначалникот Касами да се воздржат од било какви понатамошни дејствија а одлуката да биде повлечена, порача Фаница Николовска.
Раководителот на општинскиот инспекторат Седат Сулејмани, вчера за медиумите на албански јазик, изјави дека има решение за отстранување на крстот.
-За крстот има одлука за уривање. Кога ќе се отстрани? Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа, изјави Сулејмани.