Засега непознати лица испишале графит на надворешниот ѕид од планинарската кула на Титов врв што се наоѓа на 2747 метри надморска височина, информираат од планинарски клуб Аргентус Монт од Тетово. Од таму реагираат дека ова претставува нагрдување на објектот затоа што освен како засолниште за планинари, претставува и значаен симбол за планинарството.
– Кулата е планинарски објект засолниште кое е мапирано во електронската евиденција на Европската планинарска федерација. Сите видови графити на Кулата се нагрдување и навреда за планинарството во Македонија и срам пред планинарството во Европа и светот бидејќи овој врв е посетуван од планинари од целиот свет. Ги осудуваме ваквите гнасни постапки повикуваме се избришат графитите, велат од Аргентус Монт.
Оваа наградување на кулата доаѓа само неколку недели по акцијата на Аргентус Монт во која нивни планинари на грб носеа плекси-стакла и ги обновија уништените прозорци во планинарската кула на Титов врв на 2747 метри надморска височина.
Таа обнова следуваше откако кулата во периодот помеѓу 8 и 18 декември 2022 година беше вандализирана, при што беа оштетени сите прозорци кои беа кршени со употреба на чекани, а сторителите имаа направено и друга штета во внатрешноста на објектот.
ас
фото Аргентус Монт ПК