Со донации од стопанственици оформена е сензорна соба за ученици со посебни образовни потреби во ОУ „Братство-Миѓени“-Тетово
Тетово, 25 октомври 2023 (МИА)-Во тетовското основно училиште „Братство-Миѓени“ денес во употреба беше пуштена сензорна соба, како резултат на вклученоста на установата во проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“. Просторијата е опремена со помош на донации од бизнис секторот, а е сместена во централниот објект на училиштето.
– Од 2020 година сме дел од проектот, собравме донации од бизнис секторот, да се опреми сензорна соба со потребни материјали. Тие материјали ќе ги користат учениците со попреченост. Се повеќе имаме социјално нарушување на однесувањето и посебни потреби или попреченост кај децата, со аутизам најтешка форма. Сензорна интеграција е процес која прави брза перцепција на информациите, обработка на нив и после тие информации ги спроведува во секојдневните активности. Секој од нас зема информации од надворешна средина, но кај децата тие информации се нарушени, па преку сензорна терапија и материјалите ние правиме рехабилитација и третман соодветен за нивните способности, изјави Мевљудије Алити, специјален едукатор во ОУ „Братство-Миѓени“.
Ова училиште со централен објект и пет други дисперзирани објекти има вкупно 1700 ученици од кои 35 се со посебни образовни потреби.
– Сензорната соба е во правец на создавање на подобри услови за сите деца, да бидат дел од образовниот процес. Благодарност до бизнис секторот кои беа дел од овој значаен проект. Ние ќе работиме, ќе се ангажираме за вакви услови, вакви сензорни соби да има во сите училишта. Со цел да се создаде можност за сите деца со посебни потреби, да бидат дел од образовниот процес за да утре бидат дел од општествените процеси, изјави градоначалникот Биљал Касами.
Дел од активностите во рамки на проектот беше и панел-дискусија насловена „Улогата на локалната и бизнис-заедница во поддршка на инклузивното образование“. Проектот се спроведува од Здружение за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и Детска фондација Песталоци.
ас