„Новинарството соочено со еколошка криза“ е насловот на кампањата со која УНЕСКО го одбележува 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите. Оваа година денот е посветен на важноста на новинарството и слободата на говор, во контекст на глобалната еколошка криза што ја живееме.
Преку серија постери во продукција на УНЕСКО ги посочува многуте стории што треба да се раскажат.
„Новинарите не смеат да ги премолчат приказните за уништување шуми, реки, езера, за пожари како последица на глобалното затоплување, суши што уништуваат цели региони, загадување на воздухот и другите природни ресурси, исчезнување на видови… Новинарите и еко-активистите секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ја кажат вистината за состојбата на планетата. Реалноста не е секогаш убава, ниту пријатна, но обелоденувањето на кризата е првиот чекор кон нејзино решавање“ велат од Советот на етика во медиумите на Македонија.