Тетовската полиција информира дека денес го нашле и извршиле службен разговор со уште едното лице поврзано со симнувањето на знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од јарболот на манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка. И за него најавуваат дека ќе има соодветен поднесок.
– Денес (30 ноември) во СВР Тетово е извршен службен разговор со 23-годишниот Б.Л. од тетовска Мала Речица, кој е второто лице осомничено за симнувањето на знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од јарболот на манастирот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка и поставување на знамето на Република Албанија. По документирање на случајот и против него ќе биде изготвен соодветен поднесок, информира Марјан Јосифоски.
На 28 ноември за симнувањето на црковното знаме во вечерните часови беше лишен од слобода Ј. А (33). од тетовска Мала Речица. Двајцата беа пријавени во полицијата од црковниот свештеник откако било забележано дека некој го симнал црковното знаме и поставил знаме на Албанија.
Случката е снимена од камерите за видеонадзор, а видеоснимка од поставувањето на албанското знаме се појави на социјалните мрежи. Вчера беше поставено ново знаме од МПЦ-ОА.
ас