По прес-конференцијата на Општина Тетово од која беше упатено обвинување до СВР Тетово за отежнување на собирањето на сметот во градот со чести контроли на камионите кои транпортираат смет, соопштение испрати и тетовската полиција.
„Секторот за внатрешни работи Тетово, во континуитет врши контрола и регулирање на сообраќајот така што се преземаат мерки при постапување по однос на Републички и Локални акциски контроли во врска со сообраќајни пропусти или технички нерегуларности спрема сите прекршители кои според план во МВР на РСМ се реализираат низ целата држава и во ниту еден случај тоа не било сторено посебно во едно СВР или пак за некој правен субјект или компанија.
Во текот на минатиот месец при такви акциски контроли, кои се реализирани во сообраќајот на патиштата во Тетово биле констатирани дваесетина прекршоци, како што се технички неисправни возила со разни неисправности како што се неисправни уреди за кочење, уреди за управување, уреди за осветлување на патот, состојба на стаклата, управување возило со несоодветна категорија во возачката дозвола, без возачка дозвола, или нерегистрирани возила од јавни претпријатија како што се; јавен транспорт на патници, претпријатија за јавна чистота и други претпријатија кои гравитираат во подрачјето на СВР Тетово, информираше полицијата од Тетово.