Тетовскиот публицист д-р Бранислав Светозаревиќ-Покорни, вчера во Ватерло, до Брисел во Белгија ја почна новата европска турнеја за промоција на големиот научен труд „Македонци-Милениумски сведоштва за идентитетското име“.
Како промотори беа Александар Крстески, претседател на Светскиот Македонски Конгрес за Европа и Маја Славева, докторант на безбедносни науки, а присутни беа голем број Македонци кои живеат во Белгија.
-Делото на Бранислав Светозаревиќ претставува комбинација од збирка на над 1000 документирани сведоштва од целиот свет. Тоа не е книга која што ќе се прочита како роман. На неа се навраќаме многупати, а неретко и ја препрочитуваме, затоа што периодот од 2.000 години од пропаста на македонската античка држава до создавањето на македонската современа држава е преполн со борба, со маки, но и со славје, моменти кои не’ потсетуваат дека постоеле неброени знајни и незнајни Македонци кои не само што го пренесувале името на нивните наследници, туку го прифатиле да го носат по цена на секакви жртви“- истакна Маја Славева
Светозаревиќ ќе се обиде да ви пренесе колку е значајна оваа книга за Македонија, порача Александар Крстески.
-На неа има работено долго време, меѓутоа тајмингот во кое време излезе оваа книга е фантастичен. Во овие моменти кога Македонија е нападната од многу страни, оваа книга е „нуклеарна бомба“, особено за Бугарите. Книгата докажува дека Македонецот е само Македонец и ништо друго“, истакна Александар Крстески.
Авторот рече дека повторно ќе мораме да се преброиме како Македонци.
-И тоа е подобро така, да знаеме на што сме и од тука некаде да ја запишеме нашата приказна, Македонија, која ниту има почеток, ниту има крај. Во денешницава изгледа дека ние сме виновни што сме Македонци, ние сме криви што сме живи во оваа специјална војна. Секаде каде што Македонецот ќе допре, тој го носи името Македонија со себе. Ова дело не е мое. Оваа книга е на сите Македонци ширум светот и означува точка на спојување на сите Македонци“, истакна д-р Светозаревиќ-Покорни.
Книгата која од месецов ја има и на англиски јазик веќе ја бараат и поединци од други народи, а таков пример е германскиот истражувач и историчар, Флориан Виест кој докторира на тема Македонија.
Утре, сабота промоција на книгата ќе има Париз, Франција, по што следуваат две промоции во Италија. Октомври е предвиден за промоции во Хрватска и Србија.