Тетовските пензионери кои пет недели се собираат за јавно да бараат поголеми пензии најавуваат дека ќе ги интензивираат нивните активности со јавен собир на тетовскиот плоштад.
Тие денес пријавија во СВР Тетово дека утре четврток 7 септември од 18 часот ќе одржат протест на градскиот плоштад.
– Барањата се истите и понатаму. Се бара и по 3500 денари линеарно покачување од тоа не отстапуваме цела Македонија и четири пати усогласување на минималните пензии. Како да се глуви на нашите барања во власта, но да разберат тие постојат од граѓаните. Сите и министри и градоначалници и сите се од народот дојдени на функции. Живеат од народот и треба да работат, да се свеснат и да работат за народот, информираше Летка Мишевска, претставничка на тетовските пензионери.
Пензионерите од Тетовско најавуваат дека ќе одат и на протестот во Скопје што е закажан за 20 септември доколку не се случи линеарното зголемување на пензиите.
– Воедно од Тетово, го повикувам градоначалникот да ни биде поддршка како татко на Тетово, и сите други градоначалници од Тетовско, пратениците да дојдат да не поддржат, малите пензии да се покачат затоа што не се живее ова не е живот повеќе. Никој не може да издржи со овие пензии што ги имаме, порача Летка Мишевска.
Од тетовското Здружението на пензионери повторуваат дека од речиси 14 илјади нивни членови околу половина се со ниски пензии затоа што работеле во текстилната индустрија од каде имале и минимални плати.
ас