Со стручните лица во Центарот за социјална работа во Тетово од одделот за спречување на семејно насилство разговаравме на тема каква е нивната работа на терен и со какви предизвици се соочуваат кога треба да пристигнат во домот на луѓето каде било извршен физички напад во рамки на едно семејство. Така и тие се соочиле повеќе пати со вербални напади, навреди, закани како и обиди за физички напади.
Нивниот најдрастичен пример е кога, вработена во Центарот за социјални работи по одлуката жртвата и детето да ги извади од домот, сторителот на семејното насилство се заканил дека тој на неа ќе и го земе детето. Вработената со месеци од страв, не излегувала од дома со своето дете.
Небахат Имери е психолог во тим, кој работи предмети поврзани со семејно насилство. Таа објаснува дека стручните лица често се изложени на таа „прва линија“ да слушаат и да се соочуваат со трауматични доживувања. Тоа потоа влијае на нивната емоционална и психичката состојба и предизвикува секундарна траума.
„Стручните лица, вработени во сите центри на социјална работа, имаат потреба за супервизија и психолошка поддршка за полесно да ги надминат нивните потешкотии кои ги доживуваат при изложеност на таа секундарна траума. Емоционалното согорувањето влијае на стручното лице да не може квалитетно да ја изработи работата како што треба. А поради големиот обем на случаи, често има проблем и во рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот. Истите лица од тимот за семејно насилство се вклучени и во интервентен тим каде постапуваат прекувремено, бидејќи случаите на семејно насилство не значи дека се случуваат само преку работното време. Центар за социјална работа има тим кој работи 24 /7 и интервенира по повик, вели Имери.
Социјалниот работник Радица Перинска вели дека тие едноставно се принудени да ги „истрпат“ сите закани, навреди и обиди на сторителите, сè додека се издејствува жртвата да излезе од домот. Бидејќи станува збор за чести случаи, вработените меѓу себе се обидуваат да си бидат поддршка со психолошки совети.
„Стручните лица се изложени на големи предизвици, почнувајќи од самиот почеток, да и помогнеме и да ја заштитиме жртвата при вршење на нашиот увид во семејниот дом, што е висок ризик. Од една страна ги штитиме правата и интересите на жртвата, која е во висок ризик, меѓутоа и ние како стручни лица сме во висок ризик, некогаш сме и жртви на насилство при вршење на непосреден увид во семејниот дом на жртвата, вели Перинска.
Немањето на место за згрижување на жртвите во Тетово исто е предизвик за тимот, бидејќи тогаш треба да добијат поддршка и од други министерства и институции за да ги однесат жртвите во друг град и да ги спасат од семејно насилство.
„Во проблеми сме со наоѓање сигурно и безбедно место за жртвите што често мораме да ги носиме по други градови во републиката, што претставува голем проблем. Многу ретко се искористува можноста тоа да го направат и другите министерства. Многу ретко се искористува и таа можност отстранување на сторителот од домот што е во надлежност и на други институции,вели правничката Светлана Стаматовска.
Педагогот во Центарот, Зура Етеми педагог, посочува дека предизвик е справувањето при наоѓањето на престој за жртвите од семејно насилство е училиште за децата од тоа семејство.
Имало прилики кога жртвата со децата била во Шелтер центар во друг град, но поради не можност децата да следат настава се вратиле во семејниот дом.
Вработените во Центрите за социјална работа треба да станат службени лица, а не како до сега даватели на услуги, сметаат нашите соговорнички. На овој начин, сторителите на семејно насилство кои покажуваат агресија врз стручните лица од Центрите за социјална работа, институционално би се соочувале со кривични пријави за напад врз службени лице, што се смета како начин за подобрување на состојбите.
Нивните препораки за надминување на овие предизвици до законодавците се да се воведат редовни обуки за управување со стрес и секундарна траума, зголемување на бројот на професионалци и повеќе ресурси, подобрување на меѓуинституционалната соработка и поголема поддршка на стручните лица.
Александар Самарџиев