Денеска со обраќањето на министерката за одбрана Славјанка Петровска пред студентите на Државниот универзитет во Тетово, продолжија серијата академиски дијалози кои се организираат по повод годишнината од членството на Македонија во Алијансата и Денот на НАТО.
Пред студентите, министерката за одбрана Петровска се осврна на повеќе теми поврзани со одбраната, местото и улогата на Алијансата во зацврстувањето на безбедноста во евроатлантската област, новите безбедносни предизвици во Европа, како и вложувањето, трансформацијата и модернизацијата на Армијата, како и за значајноста од потпишувањето на Преспанскиот договор.
-НАТО е силна и моќна Алијанса која знае да одговори на предизвиците зашто знае навреме да се приспособи и да се промени. Алијансата минатата година на Самитот во Мадрид го донесе новиот стратешки концепт, ги репозиционираше своите политики врз база на своите вредности и на безбедносната реалност. По 24 февруари 2022 година, ниту светот, ниту Алијансата не се исти, дека она што се случува во Украина е грубо кршење на меѓународното право и повреда на човековото право на живот, и дека ниту една земја без разлика дали е членка на НАТО или не, не може да остане имуна на тоа. Позицијата на Северна Македонија е принципиелна и добро позната, а тоа е дека се поддржува одбраната на Украина и политички и со донации од опрема рече министерката Петровска.
Според неа на новите безбедносни предизвици ниту една земја денес не е имуна.
-Ако пред 20 и повеќе години заканите биле од конвенционален тип, денеска во 21 век зборуваме за различен тип на неконвенционални хибридни закани, невидливи со голо око, но го чувствуваме нивното влијание. Северна Македонија беше и сè уште е мета на хибридни закани кои имаат за цел поткопување на институциите, создавање на недоверба кај граѓаните во тие институции и обид да се претвори НАТО од успешна во неуспешна приказна кај нас. Наша задача како институции и граѓани е да бидеме гласни, да бидеме транспарентни, да отвораме дијалог со граѓанскиот сектор и со академската заедница и на тој начин да се справиме со дезинформациите“, рече министерката.
Таа порача дека одбранбениот буџет расте и изнесува 1,85% од БДП, а следната година ќе биде два отсто.
-Во распределбата на буџетот, над 30% се насочени кон модернизација се со цел исполнување на НАТО Целите на способности. Но, најважно ние ова не го правиме заради НАТО, туку пред сè за нашата национална одбрана, зашто ако сме безбедни дома, тогаш може да придонесеме и кон колективната одбрана во НАТО“, рече министерката.
На дијалозите министерот за економија Крешник Бектеши рече дека влезот во НАТО, значи и отворање на нов голем пазар за домашните компании и нивно вклучување во синџирот на набавки на Алијансата, што придонесува за пораст на БДП, пораст на странските директни инвестиции, пад на невработеноста и развој на приватниот сектор.
-Гледано во последните 3 години од кога Северна Македонија е членка во НАТО, со исклучок на 2020 година поради КОВИД состојбата, податоците покажуваат дека во 2022 година во однос на 2021 година во услови на енергетска криза имаме раст на бруто инвестиции во БДП од 5,5%, раст на вкупната трговија од 20,8%, раст на странските инвестиции од 241 милион евра и истовремено пад на невработеноста од 1,2%“, потенцираше Бектеши.
Командантот на Командата за операции, генералот Емини истакна дека од особена важност е да се прилагодувањето на новите безбедносни предизвици преку градење нови способности и дека современиот концепт на модернизација на Армијата е во корелација со новата безбедносна реалност.
ас