Месечните извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентален воздух за Тетово покажуваат дека и во изминатата календарска година имало повеќе од дозволениот број денови со загаден воздух. Светските здравствени стандарди се дека не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух, додека во Тетово во 2023 година имало 89 денови кога имало надминување на дозволената гранична вредност од 50 ПМ10 на метар кубен.
Годишните податоци покажуваат дека има намалување на бројот на денови во текот на една година со загаден воздух. Ако лани имало 89 денови, во 2022 година биле загадени 108 денови, во 2021 имало 132 денови со загаден воздух, а во 2020 година од 366 денови 138 биле со загаден воздух во Тетово. Најмногу во последнава декада имало во 2015 година – од 365 денови во 350 имало високо присуство на штетните ПМ10 честички.
Најзагадени месеци во 2023 биле февруари и декември со по 21 ден надминување на концентрациите на ПМ10, јануари 18, ноември 12. Април, мај и јуни поминале без ниту еден ден со аерозагадување, додека во јули и август имало само по еден ден кога имало повеќе од 50 ПМ10.
Општеството и понатаму треба да се справува и да придонесе за поквалитетен воздух, оценува специјалистот по хигиена и здравствена екологија при Центарот за јавно здравје Тетово д-р Ратко Давидовски кој смета дека иако има помалку денови со загаден воздух не треба да бидеме целосно задоволни.
– Не постои минимална концентрација на ПМ10 која е поволна по здравјето. И најмалите концентрации се штетни за човечкиот организам. Ние сега треба да се бориме да имаме уште почист воздух, како во земјите од Европска унија каде прагот на штетните ПМ10 честички е поставен на 25 наместо на 50 како кај нас, изјави д-р Давидовски.
Тој смета дека намалувањето на бројот на денови доаѓа поради веќе повеќегодишните обиди и преземените мерки за подобар квалитет на воздухот.
– Се гледа дека во зимските месеци кога има затоплување на домовите има и највисоко аерозагадување. Тоа е поради тоа што и понатаму греењето на дрва е најзастапено кај домаќинствата. Најмногу денови со загаден воздух има во јануари, февруари, ноември и декември. Сепак во изминатите години се презедоа повеќе мерки и активности, па многу луѓе почнаа да користат клима уреди или пелети. Во Тетово се посадија и многу дрвја, имаме подобрување, но не смее општеството да запре, туку да продолжи да се бори за уште поквалитетен воздух, смета Давидовски.
Во 2023 година тетовската автоматската мониторинг станица за квалитет на амбиентален воздух покажала дека нема ниту еден ден со надминување на среднодневните концентрации на сулфур двооксид (SO2), јаглерод моноксид (CO) како и азот двооксид (NO2).
А.С