Заедничките активности на Центарот за трансфузиона медицина Тетово и Црвениот крст минатата 2023 година резултирале со вкупно 35 крводарителски акции во кои се собрани околу 2400 единици крв. Во двете установи се задоволни од резултатите.
– Крв има во доволни количини, граѓаните треба да знаат дека доколку некој нивен близок прави операција, нема потреба да повикуваат луѓе да даруваат крв. Во центарот за трансфузиона медицина имаме доволно единици. Крв има од сите крвни групи, со потенцирање дека повеќето се од позитивните крвни групи затоа што поголем број од луѓето припаѓаат во таа група, изјави д-р Екрем Исмани, раководител на Центарот за трансфузиона медицина Тетово.
– Секогаш треба да се бориме бројките на единици крв да бидат поголеми, но главното е што се задоволуваат потребите на Клиничка болница Тетово. На секој што има потреба државата мора да му обезбеди крв од каде било во системот, вели Шкљќим Мурати, секретар во тетовскиот Црвен крст.
При дарување, крводарителот дарува една единица крв во кеси за дарување од 350 или 450 милилитри.
– Главното мото е дека крвта треба да го чека пациентот, а не обратно пациент да чека да се собере крв. Затоа важно е секој човек кој се смета за здрав да дојде и да дарува крв. Тука се прават испитувања на крвната слика и доколку се открие некоја проблематика, на тој начин во рана фаза откриваме здравствен проблем па може човекот да почне да се лекува и излекува, истакна д-р Исмани.
Раководителот на Центарот информираше дека самиот досега дарувал 63 пати крв, а негов колега е рекордер во установата со над 80 пати дарувана крв.
ас
фото: pixabay.com
Во 2022 година 2520 единици крв се дарувани на тетовското подрачје
Тетовци во 2021 година дарувале 2477 единици крв – за триста единици повеќе од 2020 година