На подрачјето на СВР Тетово минатата година пријавени, односно регистрирани се вкупно 257 пожари (ТЕ-181 и ГВ-76) или 84 повеќе во споредба со претходната 2022 година. Најголемиот број од евидентирани пожари на ова подрачје (239) биле на отворен или во затворен простор, 17 на и во моторни возила и 1 експлозија на плинско шише во станбен објект.
Во ланските пожари, 1 лице го загубило животот во тетовско село, 2 биле повредени, а 10-тина вдишиле чад. Минатогодишните пожари биле заокружени со вкупно 88 поднесоци, како и со 4 кривични пријави за „предизвикување општа опасност“.
Секторот за внатрешни работи Тетово повторно со апел до граѓаните да бидат максимално будни и внимателни, посебно во полето каде деновиве наголемо се чистат отпадоците и стрништата, но и да не ги палат „дивите“ депонии од разновидни отпадоци, пред се стари гуми, пластични предмети, најлонски ќесиња и други токсични материјали.
Се апелира, исто така, да не фрлаат неизгаснати опушоци и догорчиња доколку се движат низ шумски подрачја, зашто од невнимание лесно можат да предизвикаат пожар и потоа да се соочат со законски предвидените санкции. Им се советува во објектите да ја проверуваат техничката исправност на електричните инсталации, на оџаците, греалките и на клима уредите. Зашто, понекогаш е доволна е само една искра за да се причинат пожари со ненадоместливи последици по животот и имотот на граѓаните.