Вкупно 856 сообраќајни незгоди се евидентирани во 2023 на тетовскиот регион, додека во 2022 имало 805. Од друга страна лани е драстично помал бројот на загинати во сообраќајки. Имало само една човечка жртва додека во 2022 година 8 лица го загубиле животот во сообраќајни несреќи низ тетовскиот регион.
– На полето на безбедноста на сообраќајот можам да кажам дека е една од најбезбедните години во изминатиот години наназад и можеме да кажеме дека изминатата 2023 година ја завршивме само со една жртва во сообраќајот за разлика од претходните години кога имавме 4, 8, 12 и така натаму. Сето ова се должи на упорната работа, на пожртвуваноста на оваа полициска станица и полицајците кои несебично го дадоа својот труд за да се постигне она што се постигна. Можам слободно да кажам дека мерките кои континуирани ги преземаме во изминатиот период дадоа резултат и сè уште даваат резултати кои се видливи, изјави денес на прес-конференција командирот на Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај во Тетово, Зоран Талев.
Сепак првиот човек на сообраќајната полиција апелира да се внимава со бризната на возење која и понатаму е причина број еден за сообраќајки.
-Тука ни се најголемите мерки преземени во изминатиот период. Имаме околу 7400 прекршоци за брзо возење во што е импозантна бројка. Креирањето на сообраќајната култура зависи од сите нас, не е само на полицијата со казни да создава култура со репресија. Треба сите да влијаеме на тоа, сите општествено одговорни фактори, а правните лица за одржување на патиштата за изградба на инфраструктура треба да посветат малку поголема влијание, посочи Талев.
Голем е бројот на повредени пешаци. Во 2023 година тешко повредени се 13 возачи, 19 патници, 17 пешаци и 18 мотоциклисти и велосипедисти. Во 2022 година со тешки повреди се соочиле 13 возачи, 14 патници, 25 пешаци и 12 мотоциклисти и велосипедисти.
– Слободно можам да кажам дека најранлива категорија се пешаците. Ние континуирано преземаме мерки кон возачи коишто не ги почитуваат правила во сообраќајот. Не пропуштаат пешаци на пешачки премин и не внимаваат на светлосно-сигнални уреди, рече Талев.
Лани 18 годишно момче го изгуби животот во сообраќајка. На 2 октомври 2023 година на регионалниот пат Пирок-Тетово, во тетовско Долно Палчиште, со патничко моторно возило „БМВ“ излетал од коловоз и удрил во столб и го изгубил животот од здобиените повреди.
ас