Главната расправа од повторното судење за модуларната болница во Тетово ќе продолжи на 3 април во 10 часот откако на првото рочиштето се изведе и дел од доказната постапка од страна на Обвинителството.
Основното Јавно Обвинителство ги предочи насловите од доказите, за што имаше и приговори од одбраната. Расправата потоа продолжи во времетраење од речиси три часа при што се следеа видео снимки од истражната постапка.
Пред судот беа објавени видео снимки од видеонадзор во рамки на Клиничка болница Тетово од 8 септември 2021 година кога избувна пожарот, како и видео материјал снимен од телевизиска екипа наменет за новинарски прилог од 1 септември 2021 година
Поради наближување на крај на работно време на судот, судијата Реџеп Муса, по речиси пет часа работа, расправата ја одложи за 3 април 2025 година во 10 часот.
Обвинетите, тогашните директори Флорин Бесими и Артан Етеми, се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“. Исто така и застапник на правно лице ЈЗУ Клиничка болница за делото „предизвикување општа опасност“ истакна дека не чувствуваат одговорност.