Во април годинава, полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, на поширокото тетовско подрачје, во 25 локални, засилени акциски контроли и редовни активности вкупно откриле и законски санкционирале 1539 прекршоци или 241 помалку во споредба со истиот период лани.
Во контролните активности, реализирани во минатиот месец, а поради констатирани прекршоци, односно недостатоци, од сообраќај билe исклучени 49 возила, од кои 27 поради истечена регистрација до и над 30 дена, 17 поради утврдена техничка неисправност и 5 поради претовар.
Во текот на минатиот месец, исто така, од сообраќај биле исклучени и 194 возачи, од кои 120 управувале без возачка дозвола, 31 под дејство на алкохол, 24 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија возачи, и 19 со важечка забрана за управување.
Покрај тоа, во месецот за кој станува збор, времено биле одземени 1 возило со истечена регистрација повеќе од шест месеци, 55 возачки и 42 сообраќајни дозволи, додека тетовската „пајак-служба“ вкупно подигнала 253 непрописно паркирани возила, најмногу во централното подрачје на Тетово. Минатиот месец вкупно биле изречени 657 мерки за неприлагодена брзина според условите на патот, односно за пребрзо возење, 21 за недавање предност, односно првенство, 15 за непрописно престигнување и така натаму.