Здружението на Срби и Македонци „Бранко Чајка“ од Тетово и оваа година е организатор на традиционалната, единаесета детска поетска манифестација „Пишуваме и твориме на српски јазик“ (Пишемо и стварамо на српском језику).
Манифестацијата ќе се одржи на 4 ноември 2023 (сабота) со почеток во 11:00 часот во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ кој се наоѓа во манастирскиот комплекс на црквата св. Атанасиј во село Лешок.
Како и секоја година, на манифестацијата учествува и поет од Србија, а овој пат гостин е поетот Александар Коциќ.
-Целта е на учесниците да им се овозможи средба со поет од Србија, а воедно и да се промовира српското творештво за деца. Главна цел на проектот е поттикнување на творештвото и презентација на културното наследство на припадниците на српскиот народ во Република Северна Македонија и чување на нивниот културен идентитет особено кај децата и младите, информира Соња Андонов, претсетдателка на Здружението.
На главниот дел на програмата учествуваат учениците со свои творби кои оваа година се пишувани на тема „Другарство“.
-Манифестацијата ги собира учениците од основните училишта кои наставата ја следат на српски јазик, како и деца кои имаат српско потекло, а се од други основни училишта во Македонија, информира Соња Андонов, претсетдателка на Здружението.
Српскиот јазик факултативно се изучува во Скопје, Тетово, Јосифово и други места.