Во сабота 2 март во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“-Тетово концерт ќе одржи академскиот хор „Мирче Ацев“. Настапот на хорот насловен „75 години хорска љубов“ е прва од активностите кои Центарот за култура ги почнува во рамки на годишна културна програма поддржана од Министерството за култура. Концертот на академскиот хор е со почеток во 19 часот.
„Академскиот хор ни гостува по пауза од над десетина години. Сметаме дека ќе биде голем спектакл за градот, со оглед на капацитетот на хорот и диригентката Јасмина Ѓорѓевска-Каро. Академскиот хор ќе соработува со овдешните уметници, односно ќе настапи и детскиот хор при Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ на диригентката Фотини Георгиадис – Кировска и пијано придружба, изјави директорот на Центарот за култура, Вулнет Фејзулаи.
Хорот „Мирче Ацев“ ќе има 90 минутен концерт со изведба на десетина композиции од македонски автори, меѓународни нумери и музички хитови. Дел од програмата ќе биде македонска премиерна изведба на Psalm Burtnica.
Годишната програма на Центарот за култура предвидува активности во текот на целата година и во повеќе области.
„Годинава ќе настапат голем број локални и странски уметници. По поголема пауза од десетина години ќе има концерт тетовската рок група Елита 5, ќе има неколку драмски претстави, самостојни и колективни изложби, графичка колонија, концерти и настапи на фолклорни друштва и слично, информираше директорот Фејзулаи на денешната прес-конференција.
Дел од активностите во рамки на годишната програма ќе се однесуваат и на реконструкција на објект. Предвидено е исправка на театарски чиги (механизам) во големата сала, снабдување со клима уреди и тековно одржување на противпожарни апарати.
ас