Советот на Општина Тетово денес одржа вонредна седница со цел да се изгласа Предлог одлука за измена на распоред на средствата на Буџетот на Општина Тетово за 2023 година. Со оваа одлука ќе се најде решение за исплата на платите во основните училишта кои не ги добија личните доходи според законски определениот рок до 15 во месецот.
-Се работи за техничка грешка која денес, советот донесе одлука за ребаланс на буџетот и веќе се процедурите се следат и од утре-задутре, ќе се завршат и тие процедури. Се работи за една грешка при подготовка на ребалансот на буџетот, каде немало доволно пари во делот на придонесите. Денес имаше онлајн седница на советот и се префрлени средства од други ставки до буџетот и ќе се реши тој проблем, изјави градоначалникот Биљал Касами од настан по повод реконструкција на една улица во градот.
Тетово инфо вчера информираше дека пет дена доцни исплатата на платите во основните училишта кои се под надлежноста на Општина Тетово.
-Платата се очекува веќе шести ден, дел од наставниците самоиницијативно во знак на револт не држат часови, но ако продолжи оваа состојба согласно законот ќе има и поголем бојкот на наставата, информира Зоран Грковски, од Синдикатот за образование и наука во Тетово.
Во рамки на Општина Тетово има 12 основни училишта.