Младиот тетовчанец Далибор Ѓорѓевски со втора акција за помош на семејството Николовски од кратовското село Секулица. Денес Далибор со другарите повторно патуваше 150 километри до таму за да им однесе три нови кревети.
Семејството со три деца Марио, Кети и Лука, освен што тешко се прехрануваат, живееа во супстандардни услови. Откако за нивната состојба состојба дозна јавноста по објавената сторија, на серијалот „Срце на дланка“ хуманите луѓе помогнаа за реновирање на две соби.
Тоа го мотивираше Далибор повторно со помош на уште неколку другари од маалото Два бреста, за нова хуманитарна акција која резултираше со набавка и носење на три нови кревети со душеци за да можат Марио, Кети и Лука поудобно да живеат.
Претходно на 17 ноември Далибор им однесе поголема количина храна, обувки и облека. Далибор има 32 години и работи во ОКТА. Приказната за трите деца стана позната по сторијата во која Кети зборуваше дека никогаш во животот не пробала смоки и кифла од продавница, како и дека другарчињата секој ден и се потсмеваат.