Бадник во Тетово почна да се празнува Света Златоустова литургија, која владиката г. Јосиф заедно со свештетниците на тетовското намесништво ја служеше утринава во соборниот храм Свети Кирил и Методиј. По литургијата се одржа и најавената Бадникова поворка.
-Подготвени да го пречекаме Христа Господа и по примерот на мудреците да му принесеме свој дар, дојдовме во овој Божји дом, кој за нас денес ја претставуваа Витлемската пештера, будни да го дочекаме Бог. Денес е Бадник, а зборот Бадник доаѓа од зборот бдеење, а бдеење значи да се биде на штрек, да се очекува да се случи нешто необично. А има ли нешто понеобично од тоа самиот Бог, Синот Божји, Второто Лице на Света Троица, Кој предвечно се раѓа од Отецот, заради нас луѓето и заради нашето спасение, порача митрополитот.
Откако заврши празничната служба во црквата, се формираше Бадниковата поворка. Од црквата се упатија до плоштадот, па до пазарот и продолжи по булевар „Благоја Тоска“ па се до трговскиот комплекс „Тетовчанка“. Поворката се движеше и по улица „Борис Кидрич“, покрај Дом на АРМ, зад Центар за култура и назад на плоштадот каде хроничарот Дарко Гавровски одржа пригодно обраќање.
-Слава на Бога за прекрасни адети, традиции и празници и настани кои знаат да ги сплотат тетовчани. Најчисти души, најблиски до ангелите се децата, токму затоа тие се кои пред витлеемската ноќ, ја обзнанувале веста за Христовото раѓање. Овие деца и во Тетово со своето пеење уште од 2017 се вклучија во овие Бадникарски поворки да денес да прерасне во традиција која е сè помасовно и ја крунисуваме со прослава на нашиот плоштад. Пред бадниковата посна вечера со најблиските кога ќе бидете вечерва, не заборавајте дека во Тетово секогаш пред таа вечера се канел и еден најубав гостин. Дедо Боже дојди да вечераш со нас. Тоа веќе не е обична вечера, го имаме најубавиот гостин Дедо Боже. Нека Бадник ги згрее Вашите срце, нека Дедо Боже и Бадник нека Ви го осветли патот по којшто чекорите, на здравје среќа љубов и бериќет нека има мир во сечиј дом, истакна Дарко Гавровски.
Во забавниот дел детскиот хор „Лале“ со диригентот Теодора Ветеровска како и триото Нејмлес настапија на плоштадот.
А.С