Во Тетово претставниците на општинската администрација заедно со компанијата Заубермахер и основачот Ханс Рот на плоштад се пофалија со новите контејнери и камиони со кои ќе се собира сметот. Австриската компанија преку јавно-приватно партнерство го презеде стопанисувањето то отпадот, а за почеток се донесено 8 камиони и 400 контејнери од по еден тон.
-Прво целта е да се успее да се собере отпадот. Во следната фаза ќе одиме и со селекција и со третирање на отпадот. Бројот на вработените според договорот и физибилити студијата е да биде околу 100 кои ќе бидат преземени од постојаното комунално претријатие, но според сегашните информации тој број веќе е надминат. Во првата фаза на снабдување со контејнери, има над 400 контејнери од по 1000 литри, а понатаму согласно потребата ќе има и дополнителна опрема. Во моментот дополнително на камионите кои веќе ги има во претријатие се донесени 8 нови камиони, истакна градоначалникот Биљал Касами.
Ова партнерство на Заубермахер е второ по големина во однос на население, иако имаат веќе 20 такви примери во градови од земјите во централна Европа.
Се планира формирање центар за собирање отпад за граѓаните, поставување пунктови за собирање отпад, акционен план против неадкеватни места за отпад, подигање на свеста за правилно фрлање на отпадот во контејнери преку информативни кампањи во медиумите, поставување бесплатен еко-број и веб-апликација
-Работата со децата во градинките и училиштата е исто така приоритет. Дури и најмалите треба да се едуцираат да можат да направат правилна селекција на отпадот и влијанието врз животната средина. Мислам дека ова е особено важно. И гледам во Австрија и во другите земји каде што сме активни колку децата се заинтересирани и ентузијасти да бидат вклучени, истакна Ханс Рот.
Во втора фаза најави дека ќе се реализира пилот-проект за посебно селективно собирање на органски отпад, хартија/картон и лесна амбалажа.