За вчерашното сквернавење на црковното знаме на Попова Шапка, полицијата лиши од слобода 33 годишник од тетовска Мала Речица. Приведувањето е извршено околу 23 часот и 30 минути, откако претходно во 18 часот случајот во СВР Тетово го пријави свештеникот надлежен за храмот Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка.
-Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер (28 ноември) околу 23 часот и 30 минути, по преземени оперативни мерки, за само два часа го идентификувале и го лишиле од слобода 33-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица. Тој се сомничи дека од јарболот на манастирот „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка, вчера, додека немало никој во верскиот објект, го симнал црковното знаме на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на негово место го поставил знамето на Република Албанија. Се расчистува случајот и против Ј.А., кој при симнувањето на црковното знаме бил со уште едно лице, ќе следува соодветен поднесок, информира Марјан Јосифоски.
Осомничениот има објавено фотографии со поставеното знаме во црковниот двор на социјалните мрежи.
Од црковниот одбор информираа дека утринава поставиле ново знаме на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија на јарболот пред храмот посветен на Свети Наум Охридски-Чудотворец на Попова Шапка.