Градоначалникот на Тетово Биљал Касами одржа промоција на која информираше дека е завршена изградбата на заштитниот ѕид долж патот од градот до месноста Бањиче. Ѕидот е изграден за стабилизација на свлечиште долж патот од Тетово кон месноста Бањиче кај хидроцентралата на река Пена.
Изградбата на ѕидот е дел од проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во полошкиот регион“, финансиран од Владата на Швајцарија, а се спроведува од Програмата за развој при Обединетите Нации – УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Тука имаше еден потпорен ѕид кој не само што не ја извршуваше својата намена за да ја држи земјата, туку претставуваше и опасност за граѓаните кои поминуваа тука. Сега како што може да забележите сме пред еден проект кој ги исполнува сите стандарди. Овој потпорен ѕид не само што нема да претставува опасност за граѓаните туку ќе претставува една заштита од лизгањето на земјата во овој дел. Исто така, избрана е компанијата која ќе ги реализира работите и во другите делови на овој пат, за инвестиција од околу 50 илјади евра. Со тоа сакаме да покажеме дека до крај ќе ги реализираме сите потребни проекти за да ова биде и користено од граѓаните за една од најубавите делови на градот Тетово, изјави градоначалникот Биљал Касами.
Според информациите на Касами, потпорниот ѕид е со должина од 120 метри, ширина од 40 до 70 сантиметри и височина од пет метри. Градежните работи на овој ѕид беа почнати во октомври минатата 2022 година.
Патот и патеката долж реката Пена до месноста Бањиче се користи од тетовци за рекреација и пешачење. На повеќе места се случуваше да има ерозија и одрони на земја.
ас