Во интервју за Тетово инфо, раководителката на Стоматолошка служба при Здравствен дом Тетово спец.д-р Дијана Јанкуловска ја открива потребата од редовни превентивни прегледи на забите кај децата како основа и за општо добро здравје.
Д-р Јанкуловска, инаку магистер по детска и превентивна стоматологија со повеќедецениско искуство, ја потенцира потреба од добро орално здравје, односно здрави заби и непца кои овозможуваат нормална обработка на храната и со тоа се избегнува оптоварување на дигестивниот систем и воопшто организмот.
Во Одделот за детска и превентивна стоматологија при Стоматолошка служба се вршат задолжителните годишни превентивни прегледи за сите учениците од прво до седмо одделение на подрачјето на Град Тетово и целата околина со петте рурални општини. Сите прегледи во Одделот се бесплатни согласно Национална стратегија за орално здравје.
„Се вршат систематски прегледи на забало и меки ткива се евидентира оралното здравје и се откриваат кариозни промени и ортодонски аномалии, како и промени на меки ткива и заби. Сите здрави заби, трајни заби се заштитуваат со пломби. Тоа се вика процес на залевање на фисури на забите. Фисура е дел од забот, гризната површина на трајните заби. Целта на ова залевање е да се заштити забот од евентуални кариозни промени. И притоа испушта флуор кој делува протективно на останатото забало, затоа што тие заби кои се трајни заби никнуваат од шеста година шестгодишна возраст па натаму. Служат за џвакање, за зборување во тек на целиот живот и затоа многу е битно да се стави акцент на превентивата за да имаме здраво забало во текот на целиот живот. Покрај тоа што се врши залевање во тек, на тој преглед се врши и едукација за правилна орална нега и правилна исхрана каде што се воочува ако има такви неправилности“, вели спец д-р Јанкуловска.
Ако дете има промени на забите, меки ткива, воспаленија, гингивит и афтозни промени и тоа се детектира, стоматолозите од Одделот за детска и превентивна стоматологија го упатуваат на матичен стоматолог.
„Мекото ткиво е многу важно да биде здраво затоа што тоа е она што го држи забот во вилицата. Ако имаме промена воспалителна на меко ткиво доаѓа можна до пародонтопатија, што доведува до испаѓање на забите. Значи тоа една компактна целина од три дела што ние сите се трудиме да ја откриеме да ја добро анализираме и да насочиме, ако има такви неправилности. Ако има такви патолошки промени во тој дел. Затоа е многу важно и самите родители да се поажурни и да доаѓаат на овие и систематски прегледи и залевање на најтрајните на трајните заби, вели раководителката на службата.
Д-р Јанкуловска ја потенцира потребата од поголема соработка со матичните стоматолози.
„Би апелирала за поголема соработка со матични стоматолози, затоа што матичните стоматолози си имаат свои надлежности и обврски. Ние само им помагаме. Откриваме кариозни промени и ги упатуваме на соодветен матичен стоматолог и затоа неопходна што поголема соработка меѓу нас како превентивни стоматолози и нив како лица што ги санираат тие новонастанати проблеми или проблеми со кариесот исто така и со ортодонти“, вели д-р Јанкуловска.
Според нејзиното искуство, многу родители не знаат дека некои од „млечните“ заби кај децата и околу шестата година може да биде никнат и „заменет“ со траен заб.
„Некогаш и го сметаат дека е млечен и очекуваат тој да се промени и го оставаат, така да кариесот си „работи“, и на крај доаѓа до рана екстракција (вадење) на траен заб и затоа многу битно, затоа се опфатени ученици од прво одделение кога почнуваат да никнува трајна дентиција. (трајни заби) Кога почнуваат да никнуваат трајни заби, за да се воочи ако има и најмала промена. Ако е здрав заб да се залее, ако е кариозен да се упати на матичен лекар“, објаснува д-р Јанкуловска.
Во склоп на Стоматолошка служба при Здравствен дом постои и ноќна служба каде што може да се обратат сите граѓани кои имаат ургентна потреба од интервенција. Се третираат ургентните состојби како што се ненадејна болка, санирање на болка, отоци, скршени заби и слично.
„Таа ноќна служба функционира со три тима од 19 до 07 часот во работни денови, затоа што до 19 часот обврска за згрижување на такви пациенти имаат матичните стоматолози. Во недела и празнични денови и 24 часа работи ургентната стоматологија, за сите жители на град Тетово и населените места од сите рурални општини, информира д-р Јанкуловска.
Во склоп на Стоматолошка служба при Здравствен дом Тетово работи и Рендген кабинет каде се прави снимање на заби секој работен ден од понеделник до петок, од 8.30 до 14 часот со упат од матичен стоматолог. Можни се рендген снимки – Интра орална снимка на еден заб или на група од неколку заби, со плаќање партиципација.
АС