Со своја трета самостојна изложба вечерва во музичкото училиште во Тетово ќе се претстави авторката Билјана Билболоска. На изложбата која е насловена “Неправилен ритам” ќе бидат изложени слики изработени во техника акрилик на платно и на картон. Отворањето е предвидено за во 20 часот.
-Ќе се изложат слики направени во 2019 и 2020. Тематски, изложбата, преку боите води дијалог со музиката. Преку аналогијата на овие две нешта, ги сместува боите и звуците во една иста рамка и на иста фреквенција. Музиката е надоврзување на сликите, своевидна екстензија, дел од просторот, иако временски несместлива во три просторни димензии. Ритамот како ликовен елемент варира од праволиниски и правилен до непостојан и непредвидлив, дисперзиран конкавно, со тенденција да ги надмине физичките рамки на платното и да ја продолжи својата приказна надвор, вели авторката.
Билјана Билбилоска дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. До сега имала три самостојни изложби во Македонија. Зад себе има бројни групни претставувања во Македонија, Србија, Турција, Романија, Полска и во САД. Се занимава со графички дизајн, илустрација и филм.
А.С