Уредувачки натпревар „СИЕ Пролет 2022“ или само СИЕ Пролет 2022 — проект на здружението на граѓани „Споделено знаење“, Википедија на македонски јазик и сите заедници во Средна и Источна Европа, кој има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на различни теми од сите држави во рамките на регионот Средна и Источна Европа (СИЕ).
Натпреварот почнува на 1 април 2022 г. во 00:00 ч. и завршува на 30 април 2022 г. во 23:59 ч. по македонско време.
Доколку сте заинтересирани за учество, пријавете се подолу (со напатствија).
Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии кои се предложени во рамките на долунаведените списоци по земја од областа Средна и Источна Европа. Секоја од создадените или дополнетите статии означувајте ги со предлошката {{СИЕ Пролет 2022}} на страниците од разговор. Доколку имате некои прашања, поставете ги во разговорот на истава страница, при што ќе бидат одговорени од нашите корисници.
Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале.
Статиите ќе ги прегледува оценувачки одбор којшто ќе биде составен од тројца википедијанци кои не можат да учествуваат на натпреварот. Оценувачкиот одбор ќе ја донесе конечната одлука за победникот.
Членовите на оценувачкиот одбор ќе ги прегледаат сите статии и секоја ќе ја бодуваат поединечно со бодови од 1 до 10.
Член на оценувачкиот одбор може да даде и оцена 0 доколку смета дека статијата воопшто не ги задоволува условите на натпреварот (на пример, да има различна тема од зададената). На натпреварот не влегуваат статии напишани за Македонија од страна на македонските уредници, односно пријавените уредници треба да пишуваат за статии од предложените списоци по земја (зададени подолу). На натпреварот не се признаваат статии напишани автоматски, односно со помош на бот.
Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаат прилика и значајно да дополнат постоечка статија (никулец), така што оценувачкиот одбор ќе оценува колкав е новиот дел и бодовите ќе бидат доделени за тој дел.
Победникот на натпреварот ќе биде учесникот кој ќе собере најмногу бодови.
Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик освен членовите на оценувачкиот одбор, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.