Искрено сум изреволтиран и разочаран од небулозните изјави од страна на СДСМ ОО Тетово, кои беа изнесени на 07.09.2019 година. Со овие тврдења само се потврдува фактот дека нивното време одмана поминало, па не им преостанува ништо освен да напаѓаат луѓе со пресови, чија вистиност е диксутабилна. Јас како поранешен директор на ССОУ Моша Пијаде Тетово сум обвинет од страна на сегашниот директор на тоа училиште и од страна на СДСМ ОО Тетово дека Академијата за спорт сум ја направил со цел вработување на мојот син. И, згора на сето ова, сум оставил долг позади себе од нереални еден милион евра. Одговорно тврдам дека ова не е точно. Таков долг не постои, а академијата брои шеснаесет вработени ментори и тренери. Да ги запрашам ликовите од оваа лакрдија од изјава: дали некој е способен да води ваква академија сам?!
Додека јас бев директор, искрено и беспоштедно се залагав училиштето да прерасне во современа образовна институција со сите удобности за учениците. Никогаш не ги деградирав вработените и не ги делев по партиска основа. Се трудев да донесам инвестиции кои денес стојат оставени на зaбот на времето. Го опремив целото училиште со современа и напредна техонолгија за настава. Ги мотивирав учениците да се трудат, да успеваат. И никогаш, одговорно тврдам, никогаш не дозволив да спроведувам погрешни политики. А денес, можете слободно да видите дека во училиштето не само што не се инвестира, туку истото е обезвреднето, објектите што се во неговиот состав не функционираат, се преполови сточниот фонд, се затвори колонијалната продавница која го услужуваше учениците, а имаше и вработени лица.
Со овој прес на СДСМ ОО Тетово и изјавата на сегашниот директор мене ми е нарушен угледот како човек, граѓанин на Тетово, пријател и професор. Ги повикувам лицата кои ги изнесоа овие небулозни тврдења јавно да ми се извинат во рок од три дена. Во спротивно , ќе следува соодветна кривична пријава за клевета и нарушен углед. Исто така, ги охрабрувам надлежните институции да извршат увид во моето работење и да докажат дали навистина постои тој долг од еден милион евра.
Со почит
Александар Бачевски