Денес беа наградени учениците од основните училишта во тетовскиот регион кои испратија поетски творби на литературниот конкурс за поетска творба на тема „Преку книгата го осознавам светот“ организиран од тетовската библиотека „Кочо Рацин“.
На овој начин се одбележа и 23. Април – Светскиот ден на книгата и авторското право.
„Според комисијата, творби се пристигнати од сите училишта од Тетово и Тетовско имаше голема заинтересираност и беше многу тешко да одлучат за прво, второ и трето место. Не радува фактот што еве и малите деца учествуваа на овој конкурс од 6 до 9 одделение. Заинтересираноста е голема, тие сакаат да творат, па ќе бидат наградени од наша страна“, изјави Ѓултен Ајрули од НУ Библиотека „Кочо Рацин“
На македонски јазик прво место освои Рахела Степаноска од ООУ „Гоце Делчев“ – Тетово, додека второ место Дарија Михајловска од ООУ „А.С. Кикиш“ и Александра Сотировска од ОУ „Кирил Пејчиновиќ“-Теарце. Трето место освоија Андреа Матовска од ООУ „Александар Здравковски“ Јегуновце, Каролина Петковска ООУ К. Пејчиновиќ“ – Теарце и Давид Илиески од ООУ „С. Настоски“-Вратница.
На албански јазик прво место освои Аида Вејсели, второ место Линарт Османи и Блина Хајрулаи, додека трето место Елиза Зилбеари, Туана Адеми и Онисла Реџепи. Пофалници беа доделени и за творби напишани за турски јазик.
Овој литературен конкурс е една од активностите најмладите да се поттикнат да се „дружат“ со книгите и литературата.
„И покрај условите каде што работиме ние може со задоволство да кажеме дека сме една од најдобрите библиотеки во цела Македонија и имаме голем одзив на ученици ако збориме од основно училиште, детски оддел, секој ден има фреквенција од 350 ученици на ден што позајмуваат, враќаат или земаат лектири и другите книги од нашата библиотека. Никогаш не треба да бидеме задоволни, па со оваа манифестација, како и другите проекти што ги реализираме се со цел да ги сензибилизираме граѓаните, ученици и студенти за понатаму уште повеќе да ја посетуваат нашата библиотека, изјави Ѓултен Ајрули.
ас