Двете лица за кои СВР Тетово информираше дека се приведени за сеча на дрвја, исекле стебла стари од 60 до 80 години, соопшти денес Националниот парк Шар Планина. Исечени се во зоната на активно управување во атарот на Бродец.
„Местото каде се затекнати лицата е на катастарска парцела број 916, место викано Црни Врв, култура шума, сопственост на Република Северна Македонија. Според зоните за заштита, местото се наоѓа во зоната на активно управување во рамките на Националниот Парк „Шар Планина“. Насадот во кој е извршена бесправната сеча е квалитетна едновозрасна букова шума на добри месторастежни услови, со возраст од 60 до 80 години. Според спецификациите, во моментот кога се затекнати на лице место, лицата имаа соборено и вршеа обработка на 4 букови стебла со вкупна дрвна маса од 2,07 м³, која дрвна маса обработена во сортименти со должина од 1 метар, погодни за огревно дрво, се наоѓаат на местото на сечата. Дрвната маса од бесправно посечени стебла во радиус од околу 100 метри е 77,18 м³ или 142 букови стебла, соопшти Национален парк Шар Планина.
Нниз пошироката околина, која некогаш претставувала висококвалитетен шумски комплекс со голема површина, видливо е дека слични бесправни сечи се вршени од пред неколку години до пред неколку децении, пред прогласување на подрачјето за Национален парк, велат од управата.
-„Чуварската служба на ЈУНПШП направи обиколка на пошироката околина, при што беше евидентирана многу поголема штета. Ова како последица оставило деградирана шума, разбиен склоп, расфрлана недоработена дрвна маса која е неупотреблива и со загубен технички и калоричен капацитет. Не се забележливи никакви ознаки за организирана сеча, што значи дека сите овие активности се одвивале бесправно, се вели во соопштението на НП Шар Планина.
СВР Тетово информираше дека на 28 февруари во 15 часот и 30 минути ги лишиле од слобода М.Р.(60) и З.И.(58), двајцата од тетовска Шипковица.