Приватна фирма ќе плати за изработката на четири детални урбанистички планови во Тетово, информираше претседателот на Советот Бесар Дурмиши на средба со новинарите.
Станува збор за деталните планови на урбаните блокови 15, 23, 41 и 42, а како донација е прифатена на вчерашната седница на Советот.
Според Дурмиши, плановите се однесуваат на поврзани делови од градот, од поштата до стадионот што ќе помогне и за пробивање на булевар во иднина.
– Овие делови од Тетово во моментот немаат детални урбанистички планови. Тие се многу важни за градот затоа што се дел од трасата на која треба во иднина да се продолжи булеварот „Илинден“, што е предвидено со постарите Генерални урбанистички планови, изјави Дурмиши.
На новинарските прашања на денешниот брифинг кој е мотивот за оваа донација со оглед дека станува збор за фирма од областа на градежништвото и дали ќе значи дека тие ќе градат на тоа место, Дурмиши рече дека не знае за такво нешто.
– Не ја знам точно причината, но претпоставувам дека е нивната добра волја затоа што порано општината соработувала само со две фирми, додека со останатите не било така. Сега ние сме коректни со сите фирми. Колку што знам таа фирма нема таму да гради, туку на други места, истакна Дурмиши.
Според Дурмиши во иднината овие четири ДУП ќе помогнат за полесно да се реализира пробивањето на булеварот „Илинден“.
– Кога ќе дојде време да се продолжи булеварот ќе се направи експропријација полесно затоа што ќе има основа колку и како ќе да им се плати на сопствениците на куќите, смета Дурмиши.
На прашањата кога е можно да се почне постапката за булеварот, според Дурмиши, намерата на општинското раководство е во рок од две години да се раздолжи целокупниот долг од 24 милиони евра па потоа да се почнат поголеми капитални проекти.
ас
фото Општина Тетово