Овогодинешните фестивалски денови од 50. јубилејно издание на фестивалот ТЕХО, 24 и 25 јуни, ќе бидат збогатени и со изложба на ретки фотографии кои сведочат за долговечниот хорски живот во Тетово, како и плакати од сите изданија на „ТЕХО“, проследени со новинарски написи.
Изложбата ќе биде поставена во фоајето на НУ ЦК „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, за време на двете фестивалски вечери оваа сабота и недела, кои започнуваат во 19:30 часот. Меѓу материјалите од изложбената поставка, е и фотографија од 1913 година од хорот „Тетовска матица“.
Во материјалите се вројуваат и оригиналните ракописи и композицијата „Васке Евгова“ која за таа пригода ја напишал академикот Тодор Скаловски – Тетоец. „ТЕХО“ оваа јубилејна година, покрај во НУ ЦК „Иљо Антески – Смок“, ќе се одржи и во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“, во недела (25 јуни) со почеток во 12 часот.
Влезот за сите настани е слободен. На ова јубилејно издание ќе настапат 17 хорови и околу 600 хористи, а настанот е под покровителство на претседателот на републиката, г-динот Стево Пендаровски.