Осумнаесетгодишниот Мустафа е измисленото име на момче, едно од оние на кои им била одредена мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, за биде биде дел од процесот за превоспитување и ресоцијализирање. Но прашање е колку тоа било успешно затоа што таму немал можност да стекне формално образование пред се поради недоречености во системот.
Мустафа и голем број други деца поминувале по две-три години во овој Воспитно-поправен дом, со цел да се ресоцијализираат, но добивале само потврди или сертификати или занает, но не и свидетелства за периодичната настава или завршеното образование.
Во Воспитно-поправниот дом досега немало образовен процес како целосна учебна година туку се одвивале наставни активности во одредени периоди, во рамки на проекти што ги правеле институциите, во соработка со меѓународните организации, во разговор ни објасни раководството на домот. Иако законот за извршување санкции вели дека државата за овие деца мора задолжително да обезбеди основно и средно образование за стручно оспособување, тоа не се прави во целост. На овој начин на децата практично им се случува еден вид дискриминација оти како што веќе рековме – младите кои се упатени во установата добивале делумно образование, а често поради неусогласености во законот немало кој да им издаде свидетелство.
Меѓу големиот број такви лица е и Мустафа, кој дошол со завршено само четврто одделение. По две и пол години поминати во ВП домот иако законски требал да добие школување и свидетелство настава посетувал од време на време. На заминување не добил свидетелство за завршено образование, туку само сертификат дека научил еден од занаетите.
Утврдена дискриминација, решението е законски измени
Дека станува збор за дискриминација на одредена категорија лица е потврдено и од страна на Државната Комисија за спречување и заштита од дискриминација. Таа утврдила дека македонското законодавство во теорија наложува, но во пракса има системска дискриминација во однос на задолжителното образование за деца упатени на воспитно поправни домови кои пак, претежно поради дисфункционални семејства и не посетувале настава, тргнале по лоши патишта, се огрешиле на законите и биле пратени во дом на ресоцијализација. Во март 2023 година Комисијата поведе постапка за заштита од дискриминација за децата кои се наоѓаат на издржување воспитно-поправна мерка во ВП Дом-Тетово, односно му препорача на Министерството за образование и наука да најде начин овие малолетници да стекнат образовна диплома. Законодавците, иако, уште од февруари го имаа почнато овој процес преку јавни расправи, до средината на јуни, кога завршува школската година, не успеаја да го изменат Законот за основно образование и со тоа не е надмината главната пречка овие деца да имаат формално образование и за тоа да добијат соодветна диплома.
Решението за проблемот е во донесување измени во Законот за основно образование. Овие измени предвидуваат училиштето за образование на возрасни „Антон Семјонович Макаренко“ од општинско да прерасне во државно за да може да изведува настава во рамки на Воспитно-поправните домови во целиот затворски систем. На тој начин, децата ќе посетуваат настава, за да на крај, од оваа државна училишна установа да добијат и формално свидителство за завршено основно образование. Наставниците ќе доаѓаат во Домот за да одржуваат настава, според специфицирани наставни програми, согласно возраста на учениците, а со цел штитениците од Домовите да добијат свидетелство за завршено основно образование.
„Кога ќе стапат во сила измените на законот ќе се реализира настава според специфицирани програми за образование на овие малолетници и тие ќе добијат свидетелство за завршено основно образование, еднакво важно како да имаат завршено редовно основно училиште. Во нивните свидителства нема да пишува дека основното образование е завршено согласно Законот за извршување санкции, туку во Државното училиште „Антон Семјонович Макаренко“, информира директорот на ВП Дом Тетово, Даниел Антоски.
Воспитно-поправниот дом Тетово, заедно со тој во Охрид се единствените вакви установи во државата. ВП домот во Тетово, е отворен во 2020 година во близина на село Волковија има нови современи објекти и сите предуслови за квалитетна ресоцијализација на малолетниците. Досега овде се спроведувало само неформално образование, согласно проекти и во ограничен временски период или пак стручно оспособување за занаети. Дел од штитениците се стекнале со сертификати за завршени занаетите, но дел од нив,за да можат да работат им недостасува свидетелство за завршено основно образование, кое пак поради системскиот пропуст ВП Домот не може да го издаде. Сега таму има 15 лица, малолетници од 15, па се до 21 година. Само пет од нив завршиле основно образование, а десет немаат завршено основно или имаат завршено само неколку одделенија.
Дека на овие штитеници на ВП домот им е потребно дооформување на основното образование за нивна поуспешна ресоцијализација разбирање има и во Министерството за образование и наука. Министерот Јетон Шаќири потврди дека процесот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, со цел регулирање на воспитно образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи од нивната институција, бил прифатен од Владата.
„Владата даде одобрение и предлог законот е доставен до Комисијата за образование во Собрание. Сега треба да поминат тие две читања во соодветната комисија и да се изгласа на пленарна седница на Собранието, уверува министерот Јетон Шаќири од Тетово каде го посети Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“.
Занаетските обуки се доказ за успешни прикази и позитивни примери
При посета на Воспитно-поправниот дом Тетово и разговорот со директорот Даниел Антовски, раководителката на одделение за третман Наташа Ристовска и овластен командир на затворската полиција Драшко Стојкоски, дознаваме дека имаат и успешни приказни и позитивни примери на успешна ресоцијализација. Затоа е важно што поскоро да се измени законот и едноставно таа дискриминација да ја снема.
Според нив, стручното образование непрекинато се одвива. Децата имаат можност за 18 месечна обука, потоа полагаат во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“-Тетово, за да добијат државно признаен сертификат, за занаетот што го изучувале во домот. Малолетниците имаат можност да станат готвачи, водоинсталатери, одржувачи на парно греење и котларница и да водат економија. Во иднина, ќе има обуки и во друг центар за мајстори за градежни работи и бербери.
„Пример за ваква успешна ресоцијализација е дете на 17 години, кое две и пол години издржуваше мерка кај нас. За тој период заврши вонредно средно образование и се стекна со сертификат за готвач. Сега е готвач во елитен ресторан во Скопје. Ист таков случај имаме со друго момче кое дојде на 21 година, (н.з делото го направил како малолетен) додека на 23 години излезе од Домот. Тоа истото така, посетуваше обука во време од 18 месеци па веднаш потоа најде работа како главен готвач во хотел во град во источниот дел од државата“, вели директорот Даниел Антовски.
Дали беше добро да се седне во училишната клупа и да се следи настава, прашавме две момчиња кои моментално се во Домот, а ќе ги именуваме како Дарко и Марко. Се сретнавме во една од училниците кои се опремени можеби и подобро од некои училишта кои сме ги посетиле.
„Не сум одел на школо пред да дојдам тука. Јас се мачев да си го напишам името, ама сега знам и повеќе од тоа, научив да читам и пишувам. Добив диплома за водоинсталатер. Тука работев да се направи мала етно куќа во дворот на домот, вели Дарко кој има 18 години и дошол пред две години.
Марко дошол на 17 години, а имал завршено само четврто одделение.
„Знаев да читам, а сега знам супер да читам и пишувам. Сега тука, кога ми дадоа тест, на крајот бев задоволен што успеав да го разберам и да го решам, ни кажа 19 годишното момче кој воедно учел занает за готвач.
Одличните услови за престој, настава и обука целосно би се заокружиле доколку до први септември се изгласаат измените во Законот за образование и почне да се применува можноста за формално образование. Во таков случај установата целосно ќе ја врши својата воспитно-поправна дејност и ќе се избегне дискриминацијата на овие лица.
автор Александар Самарџиев
фотографии Зоран Андонов
Проектот е финансиран од Европската Унија
„Програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и промотивна улога“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)“