Утре сабота 12 август ФК Тетекс ги почнува првенствените натпревари во рамки на Втората македонска фудбалска лига. Гостуваат во Прилеп кај ФК Победа, а дуелот се игра на прилепскиот стадион со почеток во 17 часот. Првиот дуел дома во Тетово се игра на 19 август, а гостува ФК Осогово.
– Добро поминаа подготовките, резултатски не беа најдобри, но ме радува што од натпревар во натпревар имавме напредок во играта. Максимално сме подготвени за првиот натпревар. Верувам во овие момци, во оваа екипа. Се надевам дека ќе направиме добар резултат во сабота, изјави шефот на стручниот штаб Даниел Радески.
Во преодниот рок на ФК Тетекс му пристапија 13 нови играчи, дел од нив со големо прволигашко искуство.
– Сите тие со прволигашко искуство ќе бидат мотив за младите играчи, но особено од корист за тимот, за екипата како колектив. Ни еден противнички тим нема да потцениме или прецениме, ќе играме за гол повеќе на секој натпревар, со трчање и борба на терен, изјави Радески.
Во подготвителниот период Тетекс играше пет пријателски мечеви.
На клубот му пристапија Михајло Јакимоски-Воска, Матео Софијаноски-Брегалница Штип, Марко Софијаноски-Брегалница Штип, Астрит Амзаи-Шкендија, Матеј Јаневски-Борец Велес, Никола Ристески-Силекс, Агон Елмази-Беса Добри дол, Даме Јакимовски-Маџари, Петар Алексовски-Македонија ЃП, Симе Здравковски-Вардар Скопје, Давид Чеков-Алуминиј Словенија, Бектеш Исмаил-Македонија ЃП и Иво Јанакиевски-Работнички
Воедно продолжува акцијата на навивачката група „Војводи“ за купување на сезонска карта со што директно се помага во функционирање на клубот. Продажни места се Двор 21, Sport life (Тетовчанка), Vibe Bar, Simple Cafe, пицерија Forum, Grill Time (Брвеница) и База Бар (Теарце)