На последната средба во 2023 година со новинарите градоначалникот на Тетово, Биљал Касами најави дека во наредната 2024 година локалната власт ќе се фокусира на повеќе капитални проекти кои ќе значат развој и напредок за градот. За тоа ги посочи изградба на пречистителна станица за отпадни води со канализациска мрежа, реконструкција на стадионот, пробивање на неколку булевари, урбанистички план за Попова Шапка и слично.
– За стадионот на 13 јануари 2024 година ќе се отворат понудите и потоа ќе продолжиме со изборот на оператор, кој избор се очекува да се направи на почетокот на февруари. Да не го заборавиме и пробивањето на булеварот Благоја Тоска, кој е голем и значаен проект за непречено одвивање на сообраќајот во градот. Во наредната година имаме намера да ја продлабочиме оваа посебна врска и да ја направиме нашата општина место каде што ќе се брои секој глас, секоја мисла и секој придонес. Нашите инвестициски предлози во различни сфери се дел од јасната визија за поразвиена и поинклузивна заедница, истакна Биљал Касами.
Како општина вложиле во многу сфери од општественото живеење, рече Касами за 2023 година.
– Вклучувајќи патна инфраструктура, канализација, јавно осветлување, сето тоа во вредност од 5 милиони евра. Најдовме и решение за проблемот со управувањето со отпадот во нашиот град, со потпишување договори за ЈПП со докажана компанија во оваа област, што наскоро ќе го направи Тетово град сличен на европските. Во градот Тетово има 24 улици (вклучувајќи ги и канализациските мрежи) кои се завршени во годината што ја оставаме зад нас, со што сите маала и населени места се поврзуваат со нови патишта со современа инфраструктура. Отворивме булевари, нови улици, реконструиравме споредни улици кои останаа во заборав, инвестиравме и во околните села, во училиштата, рече Касами.
Градоначалникот потсети на намалување на наследените долгови.
ас