Општина Брвеница денес по повод 27 годишнината од основањето одржа манифестација на која градоначалникот Јовица Илиевски презентираше отчет за сработеното во 2023 година.
Градоначалникот Илиевски образложи дека на половината од мандатот успеале да реализираат повеќе од 80% од ветените проекти. Истакна дека се реализирани неколку капитални вложувања, намален долгот, а постигнати се рекорди во проширување на канализациската и водоводната мрежа во повеќе населени места, создадени нови паркови и слично.
-Одбележуваме 27 годишнина од основање на општина Брвеница со отчет за сработеното од тековната година, прогласување на најдобрите од нашата општина во 2023 година и најважното, дружење, зближување и споделување на убави честитки и желби за новата 2024 година. Неизмерно сум благодарен на сите кои ми дадоа поддршка и работеа заедно со мене цела 2023 година и се дел од сработеното во општина Брвеница кое го видовте во видеото кое го подготвивме за Вас.
-На половина од мојот мандат, успеавме да реализираме повеќе од 80% од ветените проекти а нескромно ќе кажам и дека излегуваме во пресрет на барањата на граѓаните и имаме сработено проекти кои се надвор од ветеното и планираното.
-Завршивме и во фаза на завршување се неколку капитални инвестиции, го намаливме долгот, редовно ги сервисиравме обврските, инвестиравме во образование, култура, спортот и рекреација при што за прв пат организиравме театарски претстави, нови фестивали и турнири, рушиме рекорди во проширување на канализационата и водоводната мрежа во повеќе населени места, поплочивме и асфалтиравме многу улици, го обновивме возниот парк, исчистивме многу депонии, создадовме нови паркови, реконструиравме цело училиште, училници и училишни дворови и најважното, испорачавме брза и квалитетна општинска административна услуга за што добивме признание за најтранспарентна општина во Полог и на дваесто место во цела држава и постојано инвестираме во надградба на компетенциите на вработените во општина Брвеница.
Најголем успех за мене се и ќе ги издвојам:
-Реконструкција на 1320 метри улица Дубрава во село Брвеница со вредност над 7,344,383,00 денари,
-Реконструкција на 1252 метри улица Поречко маало во Радиовце со вредност 11.123.785 денари и
-Реконструкција на 820 метри обиколна улица до гробиштата во Долни Челопек со вредност 6.221,352 денари.
Дополнително во цела општина Брвеница имаме реконструирано скоро 10 километри улици со над 25 милиони денари.
Водоводната мрежа ја проширивме за 3950 метри додека канализационата мрежа за 3465 метри и инвестиравме повеќе од 3 милиони денари.
Изградивме три големи паркови во Брвеница, Челопек и Теново и целосно реконструиравме едно училиште во Радиовце.
Денес имаме две функционални фудбалски игралишта во Брвеница и Милетино а уште едно е во фаза на изградба во Челопек, додека во Волковија целосно изградивме мини спортски терен со вештачка трева.
Сосема на крај, сакам да заклучам. Имавме уште една успешна година со многу предизвици и проекти и се движиме кон целта: Општина Брвеница за сите луѓе и Општина Брвеница подобро место за живеење!
Ја користам оваа прилика да Ви посакам Среќна нова година и среќни празници, на добитниците на наградите им честитам и им посакувам да бидат уште поуспешни а на жителите на општина Брвеница им посакувам добро здравје и уште многу вакви успешни години како 2023 година, порача градоначалникот Јовица Илиевски.
Прогласувањето на почесни граѓани Општина Брвеница го воведе минатата година, кога за прв пат за почесен граѓанин постхумно беше прогласен првиот градоначалник и основоположник на локалната самоуправа Станоја Глишиќ (1947-2022) кој по формирањето раководел со локалната власт од 1996 до 2000 година.