Некои жители на Тетово три месеци по ред се соочуваат со погрешните комунални сметки откако компанијата Заубермахер го презеде издавањето на фактурите. Иако дале приговор пак добиле иста сметка, па дел од нив бараат лично од градоначалникот да најде решение за проблемот.
„Бев и во Палчиште реагирав и пак ми дојде сметка по старо. Рекоа дека ќе се реши, ама има многу приговори дадено, ми рекоа. Сметам дека за вакви некои работи треба да има референдум. А не некој да најде кого било, затоа што ние граѓаните треба да ги плаќаме сметките. Сега нека ни плаќаат тие. Од старите сметките сите ми се платени, а сега со новите немам намера да ги платам, додека не се реализираат како што треба. Само проблемот е да не дојде до блокирање на сметките со извршители, што не е наша вина, нивна вина е, вели Дивна Здравевска.
„Доаѓа сметка и на мене и на сопругот и плус ненормално висок износ. Ставиле канализација, а ние немаме канализација во сокакот каде што живееме. Поднесов приговор, бев до седиштето на Заубермахер во селото и вчера пак истата сметка ми дојде. Требало да гледаат и по старите сметки, а не од Катастар извадиле „од ракав“. Прашав една комшивка, приближно иста квадратура имаме со куќата, нејзе 640 со канализација, а на нас на двајца 1200 без канализација. Доаѓа како струја да плаќаме, изјави друга жителка на градот.
„Плаќав околу 310 денари, а сега ми дојде 700 денари. Не треба да се плаќа по квадратура, да си плаќаме како што си плаќавме затоа што ѕидовите не прават ѓубре. Сакам да биде како што било или да плаќам како самец. Првиот месец ми дојде сметката, вториот месец не, еве денес 31 во месецот и уште не дојде. Кога ќе дојде ќе се насобере, истакна жена од тетовската населба Блок 82.
Градоначалникот Биљал Касами е уверен иако некои проблеми се комплицирани чекор по чекор ќе се најде решение.
„Бараат повеќе време и информации и податоци за да се хармонизираат податоците кои ги има ЈКП Тетово со тоа што е реалноста на терен. Но, тоа што ние ветивме ќе продолжиме на неделно ниво да комуницираме со граѓаните заедно со тука директорите на сите јавни комунални претпријатија, на самото место да видиме каде е проблемот и кој треба да интервенира и да го реши тој проблем, затоа што се работи за 30 илјади комитенти. Се работи и за преминување од фактурирање по глава на жител по метар квадратен. Имајќи во предвид и тоа податоците кои се преземени од Катастар не се до крај реални. Има неколку видови на проблеми кои ќе се обидеме чекор по чекор да ги решаваме. Тоа што ветивме на граѓаните дека нема да оптоварување повеќе од тоа што е согласно законот и согласно правилникот за фактурирање на јавно-комунални услуги, рече Касами.
Не може да се користи старата база со податоци за корисници на ЈКП Тетово затоа што не е ажурирана, смета Касами.
„Мојот пример е – ние сме семејство од пет члена, а се проширува семејството и ЈКП Тетово не дошло да прави ревидирање и ажурирање на податоците. Тоа е една од причините зошто ЈКП Тетово, отпадна во таа ситуација која ја најдовме со 10 милиона евра долг. Затоа новиот систем кој е во неколку други градови и Скопје, Битола, по метар квадратен е пореален и може податоците да бидат преземени по реални. Во поранешниот систем ЈКП Тетово требало на месечно база да види кој се родил, кој умрел и е покомплицирано за менаџирање, рече Касами.
Градоначалникот ги повика граѓаните за проблемите да поднесуваат приговори во канцелариите на Заубермахер во Палчиште, но и во зградата на Општина Тетово и ЈКП Тетово кај пазарот, а како крајна инстанца да дојдат на отворените средби секој последен петок во месецот.
ас