Додека очекува добри вести на честите безнадежни барања за работа, на младиот факултетски образован Дритон не му преостанува ништо друго освен да му помага на татко му во извршувањето на земјоделските работи. Научил да вози трактор, па сите работи што треба да се направат со ова возило, се негова обврска во семејството.
„Знам да работам со тракторот, се научив со текот на годините. Нема што друго да правам. Автомобил не возам, имам страв. Со тракторот ми е многу лесно и едноставно си работам на нашите ниви, околу одгледување на пченка, пченица и љонџа – детелина за сточна храна“, раскажува 28 годишниот Дритон Фетаи од тетовско Прељубиште, лице со попреченост.
Тој има полесна попреченост и мали потешкотии во движењето, но тоа не му било пречка да патува до Универзитетот во Тетово и за три години да ги заврши додипломските студии по право.
„Само новинари ме прашуваат како сум, имам ли најдено работа, дали имам начин за егзистенција“, објаснува Дритон кој заедно со татко му, со години безуспешно тропаат на сите можни врати во општината, државните установи и институции, како и во приватни фирми, но работа за ова момче кое завршило правен факултет, нема.
Предметите кои ги опфаќаат граѓанските права му биле најинтересни и вели дека таа материја најмногу ја совладал. Знаењата од овој дел од правната наука, најмногу би му помогнала да работи во адвокатските и нотарските канцеларии, односно во приватниот сектор, но иако и таму побарал не нашол работа.
Дритон и неговиот татко Аки, разочарано велат дека неможноста да се најде работа е што младиот правник не е прифатен поради одредената попреченост што ја има, но се уверени дека може да се најде работа за него со оваа диплома, па макар тоа да биде и за некои други поедноставни работни задачи. Сепак, сметаат дека поради лесната попреченост Дритон е дискриминиран.
„Одлучив да студирам Правен факултет, три години, одеше добро, ама кога дојде време за вработување, сите ветуваат, а кога ќе дојде време да се вработам велат не може. Најмногу ме погодува кога прашуваат кај сум завршил факултет. Ми велат што барате работа во државна администрација. Па имам завршено факултет, ако ми се укаже прилика зошто да не работам за тоа што сум студирал. Многу ветуваат па не го исполнуваат она што ветиле, дека ќе помогнат за вработување. Ама не се расправаме, тоа не оди со карање, треба со разбирање, вели Дритон.
Таткото Аки вели дека најчесто раководителите се правдаат со тоа дека установата нема средства за нови вработувања.
„Сум побарал во Министерството за труд и социјална политика. Немам абер кај да се обратам, иако има ресори таму. Сум се јавил – ми рекле не сме ние за работа за со странки. Сум барал во Општина Јегуновце. На овој сега што е градоначалник, а кој ми ветувал, сум му рекол- Знам дека кога ќе дојдеш на тоа место ќе заборавиш на нас. Ми рекле нема средства за вработување. Но ете, да го вработат како било што, портир на врата, тие се места со најниски плати, вели Аки.
На прашањето дали ги следат конкурсите за јавна и државна администрација каде најчесто има можност за вработување на луѓе со завршен правен факултет, Дритон, тажно одговара и гласно зборува за она што јавно ретко кој го зборува.
„Наместени се тие работни места за луѓе од политички партии. Јас не сум член во никоја партија и затоа не можам да добијам некое такво работно место. Во агенција за вработување ми рекле ние нудиме работни места во приватни фирми, а за државни работи оди во политичка партија. А во партија се знае, и таму бараат пари за да те вработат, па имам пари како што бараат ќе отворам фирма, бизнис, би зел субвенции, раат душа, ако имам можност ама не е баш така, не сме блиску до град, далекува сме, тука нема многу луѓе, нема движење, вели Дритон, па се мачи дали да се насмеее или да заплаче на оваа речиси безизлезна ситуација.
Таткото Аки вели дека можеби луѓето што ја водат државата треба да размислат да се формираат работни места за оваа категорија на луѓе со посебни потреби.
„Пет години како што дипломирал и никој не тропнал на врата, за да му помогнат. Заврши и можноста за постојана парична помош. Но мора да му најдеме работа, мора да се осамостои, самиот да обезбедува егзистенција. Ние сме четиричлено семејство, никој не работи, јас работев во Југохром што е сега под стечај. За живеачка обезбедуваме само од земјоделството. Помладиот син поради оваа состојба се реши и замина да работи во Германија“, раскажува Аки.
Дали може да се најде вработување за Дритон како лице со попреченост, прашавме во Центарот за вработување во Тетово. Во разговорот со службеничката од тетовскиот центар задолжена за овие работи дознавме дека посебните услови и погодности за вработување и работење на луѓе со одреден вид и степен на попреченост се уредени со Законот за вработување на инвалидни лица и Правилникот за критериумите и начинот на доделување на средствата од Посебниот фонд за обезбедување на услови за вработување и работење на инвалидните лица.
Таа прецизираше дека законот овозможува луѓе со одреден вид и степен на попреченост да може да си најдат работа. Но, одредени институции, како Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, треба да дадат и писмено мислење или потврда за тоа дека човекот е способен за работа. Понатаму во процесот се вклучуваат и работодавачите. Со документите преку ЗАПОВИМ – Заедница за заштитни друштва Скопје, добиваат упатница, како потврда кои работни задачи може лицето да ги извршува.
-Упатницата ја зема работодавачот, за да се утврди дали истото лице може да ги работи тие работни задачи што ќе му се дадат од страна на работодавачот. Лицето со попреченост не може да се вработи секаде и секогаш, туку се утврдува дали може да работи и дали може да ги извршува тие работни задачи. Општините на пример, може да ги вработат, но не сме ние тие што реализираат вработување. Ако побараат од нас, ние само може да најдеме човек со одредено образование кое е евидентирано кај нас како невработено лице. Фирмата, установата, институцијата или општината треба да се заземе, да покаже добра волја, а местото да е согласно можностите на лицето да одговори на работните задачи, велат од Центарот за вработување во Тетово.
Во меѓувреме, главна занимација во слободното време на Дритон, кое признава дека го има дури и премногу, му е возењето велосипед.
„Преку цел дена се вози со велосипед низ сите села, Шемшово, Јанчиште, Јегуновце, да не седи дома. Така стекна полно другари и пријатели, сите го знаат. Ако се види човек со точак по пат се знае дека е Дритон. Со точакот некогаш оди носи некои работи, како нафта за тракторот, тоа што може, но не губи надеж дека еден ден и тој некаде ќе се вработи, дека ќе може да заработува и да се осамостои“, вели 57 годишниот татко.
Александар Самарџиев
Проектот е финансиран од Европската Унија
„Програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и промотивна улога“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС)“